|

СДСМ: Шамар за скопјани-ВМРО-ДПМНЕ го наградува виновникот за Дрисла со носител на листа во Скопје

Кандидатката за советничка на СДСМ во Град Скопје, Кети Штерјова, остро реагираше на одлуката на ВМРО-ДПМНЕ за носител на советничката листа во Скопје да го постави претседателот на Управниот одбор на Дрисла, Даме Димитровски.

„ВМРО-ДПМНЕ им удри шамар на скопјани кои со денови се гушат во канцерогени честички од пожарите на Дрисла. После сите токсични чадови и еколошката катастрофа што ја трпат скопјани, тие го наградуваат човекот кој има одговорност за Дрисла,“ истакна Штерјова.

Таа додаде дека ваквата одлука е „невиден скандал и навреда за скопјани“, бидејќи Димитровски е не само прв човек на Дрисла, туку и актуелен советник на лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, за животна средина.

„ВМРО-ДПМНЕ арогантно се исмева со скопјани и ги понижува. Депониите и понатаму горат, воздухот е отровен, а власта на Мицкоски и Орце Ѓорѓиевски им го загорчува секојдневието на граѓаните,“ рече Штерјова.

Според неа, одлуката е доказ дека за ВМРО-ДПМНЕ „здравјето и животите на граѓаните не вредат ништо“.

„Граѓаните ќе ја казнат оваа безобразност и ќе покажат дека никој не смее да си поигрува со нивното здравје и нивната иднина,“ порача кандидатката на СДСМ.



Слични Објави