ВМРО-ДПМНЕ: СДСМ крева лажна паника за безбедноста на летовите
ВМРО-ДПМНЕ обвини дека СДСМ и поранешниот министер за здравство, Венко Филипче, намерно креваат лажна паника околу безбедноста на скопскиот аеродром.
„Расипан радар може да се случи на било кој аеродром во светот. Тоа не ја загрозува безбедноста на патниците, ниту го попречува нормалното функционирање на аеродромот,“ соопштија од партијата. Тие додаваат дека работата продолжува по утврдени протоколи и дека ниту една авиокомпанија не се пожалиле или откажале летови.
Според ВМРО-ДПМНЕ, наместо одговорна дебата, СДСМ шири „црни сценарија“ за да ја покрие сопствената, како што велат, неспособност и безидејност. „Каубојците на ДУИ се тепаа на работно место, а СДС вработи 70 партиски војници во МНАВ. Денес тие зборуваат за партизација,“ велат од партијата.
Од ВМРО-ДПМНЕ оценуваат дека актуелните настапи на СДСМ се дел од тактика за создавање паника, слично како што, според нив, се користеле пожарите на депониите во Скопје, за политичка корист.
