Николовски: Трубарево е земјоделски регион, веднаш да се направат анализи на почвата и водата
По големиот пожар во Трубарево, пратеникот од СДСМ, Љупчо Николовски, на денешната прес-конференција побара итни и стручни анализи на почвата и водата, со цел граѓаните да добијат точни информации за евентуални последици.
„Трубарево е земјоделски регион во кој се произведува храна и земјоделски производи. После ваква хаварија, задолжително е институциите, министерствата и научните институции веднаш да ги направат неопходните анализи и на водата и на почвата. Граѓаните мора да бидат сигурни и безбедни,“ изјави Николовски.
Тој додаде дека властите треба да прекинат со, како што рече, префрлање вина и да преземат одговорност за заштита на населението.
„Неколку министри ја лажеа јавноста дека нема никакви лоши резултати, дека се нормални, дека воздухот не е загаден. Експертските анализи покажаа спротивно – граѓаните имаат право да ја знаат вистината,“ нагласи Николовски.
Според него, одговорноста е пред сè кај владата и надлежните институции, кои мора да обезбедат целосна заштита, транспарентност и вистински информации за состојбата по пожарот.

