|

Јакимовски: Карпош станува првата општина со фотоволтаици во сите училишта

Во сите десет основни училишта на територијата на општина Карпош веќе се поставени фотоволтаични панели – проект што ја позиционира општината како предводник во областа на зелената енергија и одржливиот развој.

„Ова не е шминка, туку вистинска работа, визија и енергија што носи резултати,“ истакна актуелниот градоначалник и кандидат за градоначалник на Карпош од коалицијата „Искуство за успех“ предводена од Граѓанската опција за Македонија (ГРОМ), Стевчо Јакимовски.

Со оваа инвестиција, училиштата веќе ги намалија своите сметки за електрична енергија, а следниот чекор е уште поамбициозен – да станат производители и продавачи на електрична енергија.

„Нашата цел е едноставна – училиштата да произведуваат повеќе струја отколку што трошат, да ја враќаат во системот и да станат мали енергетски центри со голема општествена улога,“ нагласи Јакимовски.

Со ова, Карпош ќе биде првата општина во Македонија што ќе функционира целосно според принципите на енергетска ефикасност и зелена трансформација.

Учениците, додава градоначалникот, ќе учат од жив пример дека иднината е зелена, а училиштата ќе станат симбол на одговорност и иновација.

„Додека некои само најавуваат поставување панели, ние веќе ги имаме. И не само тоа – сега ги надградуваме и ги претвораме во генератори на енергија. Карпош не чека наредби. Карпош мисли, работи и произведува – зелена енергија, чиста совест, силен Карпош,“ порача Јакимовски.

Слични Објави