|

ВМРО-ДПМНЕ со план за повеќе зелени површини и модерна инфраструктура во Кисела Вода

Општина Кисела Вода ја очекуваат нови четири години исполнети со напредок, развој и успех, се вели во соопштението на ВМРО-ДПМНЕ.

Во програмата на кандидатката за градоначалник Бети Стаменкоска Трајкоска за претстојните локални избори, како што наведуваат од партијата, се опфатени бројни проекти и мерки насочени кон подобрување на животот на граѓаните и решавање на нивните секојдневни проблеми.

„Во следните четири години ќе обезбедиме редовно одржување на јавната хигиена, намалување на дивите депонии и создавање на чисти, уредни и безбедни јавни простори“, стои во соопштението.

Покрај тоа, најавено е зголемување на зелените површини преку формирање зелени паркови и училишни мини шуми, како и долгорочен проект за пошумување со садење 1.000 садници годишно, односно 4.000 дрвја во текот на четиригодишниот мандат.

Во план е и формирање на модерен Младински центар, кој ќе биде простор за развој, дружење и активизам на младите. Од ВМРО-ДПМНЕ најавуваат и обезбедување на над 500 нови паркинг-места преку катни и монтажни гаражи и уредени површини, што ќе придонесе за намалување на сообраќајниот метеж и поголема безбедност на улиците.

Во програмата е предвидена и реконструкција на голем број улици, како и изградба на пешачко-велосипедска патека.

„Развојот на општините мора да продолжи. Граѓаните очекуваат проекти и поквалитетен живот, наместо деструкции и манипулации“, додаваат од партијата.

Од ВМРО-ДПМНЕ ги повикуваат граѓаните на Кисела Вода да излезат на 19 октомври и да го поддржат бројот 9, односно кандидатката Бети Стаменкоска Трајкоска и советничката листа предводена од партијата.

„Кисела Вода ќе биде и понатаму општина со најголем број на исполнети и реализирани ветувања“, се наведува во соопштението на ВМРО-ДПМНЕ.



Слични Објави