ВУЧИЌ ПАК ЗБОРУВА ЗА „МАКЕДОНСКИ СЦЕНАРИЈА“
Неколку дена пред календарскиот пречек повторно се споменува нова – „балканска пролет“. Во неколку земји од регионот паралелно се одржуваат жестоки протести. Напнато е во Белград, во Подгорица, во Тирана. Протестите се сè помасовни. Се бара промена на власта, а таа обвинува дека тоа сака да се изведе по насилен пат.
Протестите „1 од 5 милиони“ ширум Србија се организираат веќе 14 недели, а викендов кулминираа со упадот на демонстранти во РТС, барајќи да се врати телевизијата на народот, бидејќи националниот сервис не известува за протестите. Тие вчера формираа обрач околу зградата на Претседателството на Србија, каде што шефот на државата Александар Вучиќ одржа прес-конференција на која им порача дека нема да се толерира никакво насилство и никакви ,,македонски сценарија“ во Србија. Сакајќи да покаже дека е човек опериран од страв, што неколкупати го повтори во својот говор, тој за време на протестот на Твитер објави фотографија како игра шах со својот партиски колега, министерот за полиција Небојша Стефановиќ.
Одговарајќи на новинарски прашања, Вучиќ ги спомена предводниците на протестите како големи пријатели на македонскиот премиер Зоран Заев. Во многубројните паралели ја спомена и затворската казна на поранешниот министер за внатрешни работи Митко Чавков и двојните аршини на западните амбасади. (Повеќе)

