Тоневски: Ќе изградиме регионален пат до ски-центар Пониква и детско одморалиште
Кандидатот за градоначалник на општина Пробиштип од редовите на ВМРО-ДПМНЕ, Тони Тоневски, го најави еден од своите главни приоритети – изградба на регионален пат што ќе ја поврзе општината со ски-центарот Пониква, еден од најубавите туристички бисери на Осоговските Планини.
„Со овој пат ќе обезбедиме директна врска со планинскиот центар Пониква, што ќе значи нов поттик за туризмот, отворање на работни места и развој на локалните бизниси. Ќе создадеме нова динамика во економскиот и туристичкиот живот на целиот регион,“ изјави Тоневски.
Патот ќе биде изграден по современи стандарди, со акцент на заштита на природата и зимска проодност, со што ќе се овозможи целогодишна достапност на Пониква.
Покрај патната инфраструктура, Тоневски најави и изградба на детско одморалиште за настава во природа и организирање летни и зимски кампови за учениците.
„Пониква е нашиот зимски бисер. Со овој проект и со новите содржини ќе создадеме услови младите да останат, да учат и да се развиваат овде, во својата општина,“ додаде кандидатот.
Со ваквите иницијативи, Тоневски нагласи дека Пробиштип ќе се развива „со проекти и дела – за тебе, за твоето место, за твојата иднина“.

