|

ВМРО-Народна партија задоволна од изборните резултати и ја најавува продолжената борба како коректив на власта

ВМРО-Народна партија упати честитка до сите политички партии за, како што наведуваат, покажаниот демократски капацитет при реализацијата на предизборната кампања и спроведувањето на првиот изборен круг, кој поминал во „претежно коректна и фер атмосфера“.

Во соопштението партијата наведува дека настапила активно со свои кандидати, како дел од коалицијата со СДСМ, но и со сопствени листи во три општини. Според официјалните податоци, ВМРО-Народна партија освоила:

  • 7,50% од гласовите и еден советнички мандат во општина Илинден,
  • 6,40% и еден советнички мандат во општина Чешиново-Облешево,
  • како и 4% од гласовите со градоначалничкиот кандидат во Тетово, Стевица Саркоски.

Од партијата нагласуваат дека овие резултати се постигнати исклучиво како резултат на секојдневната работа на терен и активното учество во политичките процеси во изминатите четири години, без реклами и без финансиски средства за маркетинг.

„Овој успех е потврда дека граѓаните го препознаваат искрениот труд и чесниот пристап кон политиката. Тоа ни дава нова енергија да продолжиме да ја чуваме изворната идеологија на ВМРО и да се бориме како достоинствена опозиција и коректив на политиките на власта“, се наведува во соопштението.

ВМРО-Народна партија им се заблагодари на сите членови, симпатизери и пријатели за поддршката и довербата, најавувајќи дека ќе продолжи да се залага за принципиелна, чесна и народна политика.

Слични Објави