|

Нови 30 дена притвор за ексдиректорот на Онкологија – Нино Васев

Основниот кривичен суд – Скопје му го продолжи притворот за уште 30 дена на поранешниот директор на Клиниката за онкологија, Нино Васев, обвинет во случајот „Онкологија 2“. Одбраната најави жалба до Апелациониот суд.

Адвокатот на Васев, Боби Спирковски, изјави дека првостепениот суд првично одбил да одреди притвор и изрекол куќен притвор, но Апелација ја преиначила таа одлука по жалба на Обвинителството. Тој нагласи дека притворот бил продолжен без правни аргументи и под притисок на јавноста.

„Аргументите за можност за бегство се правно неосновани. Се надеваме дека Апелација сега ќе ја исправи оваа неправда,“ изјави Спирковски.

Одбраната, како што рече, приложила нови докази со кои се оспоруваат наводите на Обвинителството дека е направена голема штета и дека постојат непобитни докази за вина. Спирковски истакна дека доказите се нестручни и тенденциозни, а дел од нив биле изготвени од поранешни вработени на Клиниката.

На денешното рочиште беа сослушани поранешни членови на Управниот одбор на Клиниката за онкологија, а одбраната оцени дека нивното сведочење е без потреба бидејќи станува збор за предмет што бара стручни вештачења.



Слични Објави