Ѓорѓиевски: Скопје се дави во отпад, започнуваме акција за спас на градот
Градоначалникот на општина Кисела Вода и кандидат за градоначалник на Град Скопје, Орце Ѓорѓиевски, најави голема акција за расчистување на главниот град, поради, како што изјави, целосната нефункционалност на ЈП „Комунална хигиена“.
„Скопје веќе подолг период е претворено во една голема депонија. Граѓаните редовно ги плаќаат сметките, но не ја добиваат услугата за која плаќаат. Оваа состојба мора да престане“, нагласи Ѓорѓиевски.
Денеска, по иницијатива на градоначалникот на општина Центар, Горан Герасимовски, во рамките на ЗЕЛС се одржа состанок со сите скопски градоначалници, на кој се дискутираше за решенија на проблемите со управувањето со отпадот во градот.
„Во изминатите денови, сите градоначалници од скопскиот регион, со поддршка од општествено одговорни компании, се обидуваме да го ублажиме хаосот што го зафати градот. Денес разговараме не само за тоа како да делуваме во следните неколку дена, туку и како трајно да го решиме проблемот со хигиената во Скопје“, изјави Ѓорѓиевски.
Тој упати апел до раководството на депонијата „Дрисла“ да не врши опструкции при влезот на механизацијата која ќе биде ангажирана за транспорт на отпадот од улиците.
„Доколку има потреба, ќе побараме поддршка и од колегите од другите градови. Нашата цел е заеднички да го спасиме Скопје од оваа состојба. Во првите 72 часа по преземањето на функцијата градоначалник, ќе го исчистиме Скопје“, порача Ѓорѓиевски.

