Историскиот спектакл „Големината на Асеневци“ ќе се одигра пред тврдината „Царевец“ во Велико Трново
На отворена сцена пред познатата тврдина „Царевец“ во Велико Трново, актерите од Музичко-драмскиот театар „Константин Кисимов“ денеска ќе го изведат историскиот спектакл „Големината на Асеневци“, соопштија од прес-службата на културната институција, јавува БТА. Со оваа значајна претстава, театарскиот тим се вклучува во одбележувањето на 840 години од востанието на браќата Петар и Асен и обновувањето на бугарската држава, што го организира Општина Велико Трново. Настанот ќе се одржи на плоштадот „Цар Асен I“, а крајот на спектаклот ќе биде вовед во аудио-визуелното шоу „Царевград Трнов – звук и светлина“.
Претставата, создадена во чест на 830-годишнината од востанието на Петар и Асен, веќе десет години е дел од репертоарот на великотрновскиот театар. Режисер е Стефан Методиев, а проектот е реализиран со финансиска поддршка од Општина Велико Трново.
На сцената оживуваат ликовите на браќата Петар и Асен, нивните сопруги и знатни болјари, кои ја прераскажуваат драматичната подготовка и избувнувањето на востанието против византиското владеење во Трновград во 1185 година. Театарскиот расказ завршува со крунисувањето на цар Петар – симбол на возобновата на бугарската држава.
Спектаклот е создаден по идеја на актерот Иван Митев, кој направил компилација од текстови на бугарски автори и византиски хронисти, меѓу кои Антон Дончев, Камен Зидаров, Моско Москов, Иван Вазов, Радко Радков, како и Никита Хонијат. Основата на драматургијата е пиесата „Чудото по Димитровден“ од Банко Банков.
Во претставата учествуваат актерите Иван Митев, Стефка Златкова, Детелин Кандев и Виктор Терзиски, а на 25 октомври ќе им се придружат и младите актери Никол Бојчева, Велина Колева, Игнат Д’лбоков и Самуил Горанов.
Бугарската новинска агенција БТА потсетува дека одбележувањето на годишнината започна на 7 октомври со изложбата „Созиданиja. Поглед кон вековите“. Денес, во црквата-музеј „Св. Димитар“ беше претставен и 3D мапингот „Храброста на царевите“, а програмата со настани ќе трае до 15 ноември.

