Д-р Трајановски: СМАРТ-осветлување во сите паркови и дворови на градинките и училиштата
Кандидатот за градоначалник на општина Аеродром, д-р Александар Трајановски, најави имплементација на низа реални и остварливи проекти кои, како што истакна, „значително ќе го подобрат квалитетот на живот во нашата општина“.
„Старото јавно осветлување го заменуваме со ново СМАРТ економично јавно осветлување, со цел да добиеме модерен систем за јавно осветлување што ќе креира заштеда на средства,“ рече Трајановски, најавувајќи модернизација на инфраструктурата.
Според него, имплементацијата ќе започне во јавните зелени површини и образовни институции:
„На почетокот овој проект ќе се имплементира во јавните паркови, дворовите на сите детски градинки и основни училишта низ општината. Потоа ќе продолжи и кон замена на јавното осветлување и на сите улици и паркинзи во општината.“
Трајановски посочи дека проектот ќе донесе значајна економска корист:
„Овој проект ќе овозможи енергетска ефикасност и заштеда на финансиски средства.“
Во својата изјава тој упати повик до граѓаните да дадат поддршка на 2 ноември:
„Затоа ве повикувам на 2 ноември да дадеме поддршка на концептот што ќе гради и создава иднина, а не концепт на кочење и неработа.“

