Герасимовски: Буџетските форуми во ноември – граѓаните добредојдени со идеи за развој на Центар
Градоначалникот на Општина Центар, Горан Герасимовски, на работна средба со раководителите на секторите разговараше за проектите што ќе се реализираат во наредните четири години.
Тој најави дека во месец ноември ќе се одржат буџетски форуми на кои граѓаните ќе можат да дадат предлози и идеи за идниот развој на општината.
„Буџетските форуми минатата година поминаа одлично, со голема посетеност и заинтересираност од страна на жителите. Ноември е месец кога повторно ги отвораме вратите за нив. Добредојдени се сите граѓани да предложат идеи кои ќе ги вклучиме во новата програма и буџет“, изјави Герасимовски.
Градоначалникот информираше и дека е завршена постапката за набавка на уреди за мерење на бучавата во општината.
„Предлагам поставувањето да започне што е можно побрзо, дури и оваа недела. Планираме да бидат поставени на 30 локации, главно таму каде што граѓаните најчесто се жалат на прекумерна бучава во ноќните часови“, рече тој.
На состанокот се разговараше и за хортикултурното и партерното уредување на просторот кај Зелен пазар. Герасимовски истакна дека таму нема да има улица, туку ќе се реконструираат кошаркарското и детското игралиште и ќе се засади ново зеленило. Проектот, како што најави, треба да биде завршен до месец мај.
Во однос на хигиената, градоначалникот потенцираше дека хигиеничарите секојдневно се на терен и дека општината ќе преземе сè што е потребно за да нема отпад по улиците.
„Иако градот најави расчистување на сметот, ние нема да чекаме. Како и досега, Центар ќе продолжи самостојно да се грижи за чистотата. Викендов имавме проблеми со подземните контејнери, па екипите работеа и во сабота и недела. Центар мора да биде чист, и така ќе остане“, нагласи Герасимовски.

