„Аустријан ерлајнс“ од мај 2026 ќе лета од Виена за Охрид
Австриската национална авиокомпанија „Аустријан ерлајнс“ од 17 мај 2026 година ќе воспостави редовна сезонска линија меѓу Виена и Охрид, а билетите веќе се достапни во резервациските системи. Во почетокот, компанијата која е дел од „Lufthansa Group“ ќе лета еднаш неделно, додека во јули и август ќе ја зголеми фреквенцијата на два лета неделно. Линијата ќе се опслужува со авион „Airbus A320“, а последниот лет за сезоната е закажан за 27 септември 2026 година.
Овој потег доаѓа во период кога „Визер“ ја укинува својата линија Виена–Охрид, чиј последен лет е планиран за 14 март 2026 година. Причината е затворањето на базата на унгарската нискобуџетна авиокомпанија на виенскиот аеродром, поради силна конкуренција и зголемени трошоци предизвикани од повисоките државни давачки. Во рамките на оваа шема, „Туркиш ерлајнс“ веќе ги користи субвенциите со воведувањето на линијата Истанбул–Охрид, која од 30 март 2025 година се одвива четири пати неделно.
По тоа, „Визер“ ќе ја пренасочи својата операција кон Братислава, од каде што од 17 март 2026 ќе лета трипати неделно до Охрид. Растојанието меѓу аеродромите во Виена и Братислава изнесува околу 70 километри.
И линијата на „Аустријан“, и новата на „Визер“ од Братислава, не се дел од владината програма за субвенционирање на авиолинии, бидејќи не се сметаат за нови дестинации.
Според јавниот повик на Министерството за транспорт и врски, субвенциите за отворање нова линија до Охридскиот аеродром изнесуваат 12 евра по патник во доаѓање. Тендерот, вреден 3,36 милиони евра, останува отворен до декември 2027 година и функционира по принципот „прв дојден, прв услужен“. Право на учество имаат авиокомпании кои во 2024 година превезле повеќе од пет милиони патници и оствариле најмалку десет милиони евра нето добивка.

