| | |

Бриселски торти, лекции за демократија, гаранции и железни крстови

Атанас Величков

Премиерот на Албанија Еди Рама пред два дена симболично пресече торта во Брисел. Поводот за тоа беше отворањето на последниот кластер од преговорите со Европската Унија. Кластерот земјоделство и кохезија, беше отворен на седмата Меѓувладина конференција. Со тоа Албанија може да се пофали, дека за малку повеќе од една година ги отворила сите шест кластери. Од ЕУ го ценат тоа достигнување како напредок постигнат со „невидено брзо темпо“.

Во летото на 2021 г. истиот тој Рама, шеташе низ строгиот центар на Скопје заедно со српскиот претседател Вучиќ, тогашниот претседател на Влада Заев и тогаш актуелниот градоначалник на Скопје Шилегов. Прошетката беше дел од PR-от на мртвороденото бебе наречено Отворен Балкан или „Мал Шенген“. Многу вода и пластика извлече Вардар од тогаш. Денес работите стојат многу поинаку.

Рама сече торти и ја магепсува Мелони, Вучиќ ја брани својата кожа и власт од „блокадерите“, Заев се слика по јахти во Дубаи, а Шилегов е потонат во тешка илегала.

Во власта веќе се распоредени нови „брејн-дрејн“ експерти и политички играчи. Првиот човек на Владата Христијан Мицкоски откако му одржа предавање на новиот градоначалник на Скопје Орце Ѓорѓиевски, како го замислува центарот и осветлувањето на Камениот мост на Вардар, побара смена на јавниот обвинител Љупчо Коцевски. Премиерот тоа го направи како што доликува за еден достоен имитатор на српскиот диктатор Вучиќ во телевизискиот етер, со таа мала разлика, што телевизијата, што беше одбрана за пораката не е провладина. Но, тоа не треба да нѐ чуди, Мицкоски е далеку поголем и позрел демократ од Вучиќ и за разлика од него, го нема на видео за кое се тврди дека е од времето на војната во БиХ и го илустрира т.н. сафари на живи луѓе организирано од лудаците, кои им беа раководители на Србите од таа федерација.

Мицкоски моментално е зафатен со „решавање на домашните задачи“, но не пропушта можност на локално ниво да се замеша во „сферата“ на претседателката Гордана Сиљановска, која како една вистинска професорка „држи предавања на ЕУ за демократија“. Тука се и споредните ликови во претставата, во чие руво од време на време се појавуваат одредени министри од Владата на РСМ. Според случајот тоа може да биде Александар Николоски или пак шефот на дипломатијата Тимчо Муцунски. Николоски неуспешно се обидува да го глуми Винстон Черчил, кога колеги од Бугарија му поставуваат незгодни прашања. Муцунски пак од своја страна се брани од претседателот на бугарскиот дел од историската комисија проф. д-р Ангел Димитров и од „незгодните“, но во исто време така потребни прашања на пратеникот од Левица Реџеп Исмаил.

Муцунски од парламентарната трибуна ја смирува „патриотската јавност“ дека ништо македонско не се праќа „во Софија за амин“, а Мицкоски онака даскалски со комитски елементи од студиото на телевизија Телма продолжува да „бара гаранции“ дека уставните измени ќе бидат последното барање пред РС Македонија за влез во ЕУ. Токму така, Мицкоски бара не само старт на преговорите, туку и мирно водење на истите, без разлика дали ќе ги исполни прифатените обврски во Преговарачката рамка или не. Се разбира само во делот што се однесува до Бугарија, Договорот со Бугарија и протоколите кон истиот.

Истиот тој Мицкоски, кој во своето интервју за Телма ни вели дека, ако земјата ги добие тие гаранции се ќе се среди, кога ги набројува етничките заедници, упорно пропушта да ги спомне македонските Бугари. Познати се неговите изјави за „неколку стотини граѓани, што себе си се определуваат како Бугари“ и нема потреба за повеќе коментари околу тоа.

Граѓаните на РС Македонија, не само македонските Бугари, туку сите, без разлика на нивната етничка припадност, треба сами да си проценат дали им се исплати стратегијата на одбрана на македонските национални интереси, како што милуваат да кажат следбениците на Мицкоски и неговата тајфа. Дали патриотските испади на телевизија и предавањата за уредување на градскиот плоштад во вечерните часови, ќе им донесат нешто повеќе од тоа својот бес и очај да ги лечат во редиците за чекање на бугарски пасош, свирежите за бугарските национални симболи, химна и знаме или досетките за стаорците, што го преплавија еден од најубавите студентски домови во Скопје- „Пелагонија“.

Бугарите овде, одамна знаат што можат и што не можат да очекуваат од власта, без разлика дали таа се раководи од комунисти/социјал-демократи или квазипатриоти/четници во обид. Нив многу малку работи можат да ги изненадат. Тие го чуваат својот идентитет и немаат потреба истиот да им биде признаен од ЕК, ЕП, Европската банка за обнова и развој или од било која друга европска или светска институција. Тие се присутни на овие простори од 1000 години. Нивните предци носеле железни крстови на своите гради, заслужени во борба под родното знаме и рамо до рамо со нивните сојузници. Тие железни крстови, ако се претопат ќе има доволно материјал да се направи солиден сад, што ќе може да ги собере солзите од немоќ на многу современи „експерти“, кои упорно зборуваат за погрешни и правилни страни во историјата и за демократски вредности.

„Брејн-дрејн“ експертите на нашето совремие се многу далеку од овие теми. Кадарни се само да се појават на телевизија, да ги кажат своите научени на памет мантри и потоа горди да си заминат, уживајќи во поддршката на клиентела, која знае дека леб може да се заработи на повеќе начини, но полесно е со ширење омраза, навреди и понижување на сите што не веруваат во истите „духовни водачи“ и „теории за светски заговори против гордиот македонски народ“.

Во однос на европскиот пат на РС Македонија нештата се повеќе од јасни. Како што вика претседателката Урсула фон дер Лајен, топката е во нашето поле. Бугарите никогаш не биле, не се, и нема да бидат пречка за нашата земја. Евтиното оправдување со нив, никогаш не ни „фатило тло“ во Брисел, а уште помалку во Вашингтон. Москва, Белград и Будимпешта се друга приказна. Приказна која е на пат да заврши неславно за главните ликови во неа.

Во саботата (15 ноември) ден пред да се навршат осум месеци од трагедијата во Кочани, неколку илјади граѓани излегоа на мирен марш во Скопје, заедно со родителите на загинатите и на повредените деца во дискотеката Пулс. Меѓу луѓето, што зедоа учество во маршот не беа видени ниту премиерот Мицкоски, ниту претседателката Сиљановска Давкова, ниту било кој од министрите во владата. Синоќа Мицкоски изјави дека неговата партија и владејачката коалиција се согласни да се направи анкетна комисија за оваа трагедија, но не само за неа, туку и за трагедиите што се случиле во изминатите години. За секој што погрешил или злоупотребил да одговара. Тоа звучи многу европски. Но, за жал, само звучи.

Токму поради тоа, а и поради десетици други причини, кои немаат никаква врска со „источниот сосед“, Рама сече торти во Брисел, додека Сиљановска држи лекции за демократизација на ЕУ, Николоски бега од суштински одговори на незгодни прашања, Муцунски сака Ангел Димитров да го спомне во некоја следна негова изјава, а Мицкоски од удобната гостинска столица во тв Телма „стои на браникот на татковината“, додека истата таа татковина останува без луѓе и перспектива.

PS: Кога на дневниот ред на историската комисија ќе дојде темата за железните крстови по градите на нашите предци, ќе стане многу интересно.



Слични Објави