(Видео) Василев: Бугарија не прифаќа уставни промени со одложено дејство, добар или лош Договорот со Бугарија мора да се спроведува
Бугариja нема да прифати уставни измени со одложено дејство, тоа нема да го прифатат и поголем дел од земјите членки на ЕУ. Ова во емисијата „Трилинг“ го изјави познатиот бугарски новинар Бојко Василев.
„За бугарската страна, за политиката и за јавноста, прашањето со Северна Македонија е затворено. Затворено е со таканаречениот француски предлог. Нема да има дополнителни услови надвор од оние што се веќе договорени во компромисот“ вели Василев.
Тој е дециден дека не може да биде постигнат договор за гаранции дека уставните измени и впишувањето на Бугарите во Уставот на РСМ ќе бидат последно барање за земјата бидејќи во Преговарачката рамка стои и спроведувањето на Договорот за пријателство добрососедство и соработка со Бугарија.
„Договорот е потпишан и како што велат од ЕУ Pacta sunt servanda – Договорите мора да се почитуваат“, вели Василев.
Според познатиот бугарски новинар Мицкоски има многу тешка задача, но македонското општество мора да разбере дека не се работи за некаков диктат.
„Друго прашање е како премиерот Мицкоски ќе му го објасни тоа на општеството кај вас. Но, токму по тоа се препознава вистинскиот лидер. Затоа што вистинскиот лидер може да заземе и непопуларна позиција“, вели Василев.
