| |

Проф. Пламен Павлов: 2025 година беше неповолна за односите меѓу Бугарија и Северна Македонија

2025 година беше неповолна за бугарско-македонските односи, изјави историчарот проф. Пламен Павлов за Actualno.com. Според него, причините се поврзани со политиките на владата во Скопје, при што, како што наведе, не е остварен напредок во однос на правата и положбата на македонските Бугари, а говорот на омраза кон Бугарија продолжил.

Павлов се осврна и на најавата за нова образовна стратегија во Северна Македонија, потсетувајќи дека земјата презела обврска во 2022 година да ги ревидира учебниците по историја, во кои Бугарската армија е прикажана како окупаторска. Тој изрази сомнеж дека во новите учебници ќе се воведе пообјективен пристап и оцени дека продолжуваат обидите историјата на Македонија да се оддели од бугарската.

Во врска со настаните од 1941 година, проф. Павлов истакна дека, според бугарската историска наука, не постои спор околу тврдењето дека немало бугарска окупација на Македонија. Тој наведе дека постојат бројни сведоштва и материјали кои, според него, покажуваат дека влегувањето на Бугарската армија било доживеано како ослободување. Според Павлов, користењето на терминот „окупација“ во овој контекст е, неточно и спорно.

Историчарот додаде дека терминот „окупација“ може да има различно значење зависно од контекстот и посочи примери од бугарската историја каде што се користи како технички поим. Тој исто така ги критикуваше поединечните бугарски историчари кои го прифаќаат овој термин во однос на настаните во Македонија.

На крајот, проф. Павлов се осврна и на дебатите околу одбележувањето на 1400 години од создавањето на бугарската држава, повикувајќи на, како што рече, пообјективен пристап кон историските процеси и избегнување на, според него, манипулативни толкувања.



Слични Објави