| |

Бугарија се простува со легендата Димитар Пенев

Бугарскиот спорт и јавноста денеска ќе се простат за последен пат со големиот Димитар Пенев. Поклонението пред посмртните останки на фудбалската легенда ќе се одржи на Националниот стадион „Васил Левски“ од 10:00 часот. Димитар Пенев почина во саботата, на 3 јануари, на 80-годишна возраст, јавува БГНЕС.

Димитар Пенев, познат по прекарот „Стратегот од Мировјане“, е една од најзначајните личности во историјата на бугарскиот фудбал. Тој е единствениот што остварил големи успеси и на теренот и покрај него – како фудбалер и како тренер.

Со него на чело, Бугарија го освои четвртото место на Светското првенство во 1994 година во САД.

Најголемиот дел од неговата кариера поминува во ЦСКА, каде што се етаблира како еден од најдобрите дефанзивци во историјата на клубот. Со „армејците“ освои 7 титули на Бугарија и 5 Купи на државата. Под негово водство, ЦСКА стигна до полуфинале во Купот на победниците на купови (КНК) во 1989 година.

За репрезентацијата на Бугарија одиграл 90 натпревари и постигнал 2 голови. Учествувал на три последователни светски првенства – 1966, 1970 и 1974 година. Пенев беше прогласен за Тренер на векот во Бугарија во 1996 година и двапати беше избран за Фудбалер број 1 на земјата – во 1967 и 1971 година.

Во исто време, стручњакот откри бројни таленти, а во националниот тим наметна играчи како Христо Стоичков, Емил Костадинов и Љубослав Пенев.

Во знак на почит, од ЦСКА соопштија дека идната академија на „црвените“ ќе го носи името на Димитар Пенев.

Слични Објави