Георгиева во Киев пред одлука на ММФ за ново финансирање на Украина
Раководителката на Меѓународниот монетарен фонд, Кристалина Георгиева, престојува во кратка посета на Киев – прва од февруари 2023 година – во момент кога Украина очекува одлука за ново, клучно финансирање, јавува БГНЕС.
За време на посетата, Георгиева ќе оствари средби со претседателот Володимир Зеленски и со други високи претставници на украинското раководство.
Ден претходно, Зеленски соопшти дека во енергетскиот сектор ќе биде воведена вонредна состојба. Во последните месеци Русија извршува секојдневни напади со дронови и ракети врз Украина, главно насочени кон енергетската инфраструктура, што предизвикува прекини во снабдувањето со електрична енергија и греење во средината на зимата.
Во февруари се очекува седница на Извршниот одбор на ММФ, на која ќе се разгледува ново финансирање за Украина.
Во ноември експертите на ММФ и украинските власти постигнаа договор на експертско ниво, кој може да овозможи до 8,1 милијарда долари нови средства. Четиригодишната кредитна програма, сепак, зависи од исполнување на повеќе услови, меѓу кои обезбедување гаранции за донаторско финансирање и усвојување на државниот буџет.
Последната посета на Георгиева во Украина беше во февруари 2023 година, за време на преговорите за претходната програма на Фондот. Подоцна истата година, ММФ одобри кредитен пакет за Украина во износ од 15,6 милијарди долари.
