| |

ЕВРОПСКИ ГЛАВЕН ОБВИНИТЕЛ

После сѐ едно ни стана јасно: Северна Македонија има насушна потреба од нормално и функционално обвинителство, наспроти досегашната институција “собирач“ на докази во името на правдата! Институцијата која досега се сметаше за една од најважните државни згради се престори во портал кој произведува чудни вести.

Како што ни заживеа феноменот „фејкњуз“ така ни заживеа и еден нов феномен – Фејк обвинителство!

Арно ама, за разлика од она што се прави против феноменот на лажни вести, вродило тоа со плод или не, ништо не се прави околу Обвинителството за да се спаси самото Обвинителство. Напротив, оставено е реалноста да си „царува“ онаква каква што е, а околу и покрај неа се разменуваат копја, чиј правец и цел останува една голема Непозната.

А во меѓувреме, довербата на луѓето во оваа институција има една јасна вредност. АПСОЛУТНА НУЛА! Утре да се спроведе анкета верувам дека огромно мнозинство граѓани ќе одлучат да му веруваат на западноевропскиот, наместо на домашниот обвинител. Иако не сакам да ги потценам и обезвреднам професионалните и моралните капацитети на оние што работат како обвинители, недовербата во Обвинителството како институција достигна такви размери што покрај сувото изгоре и суровото. И што ни преостанува во такви услови? Верувам дека едно од решенијата е главниот обвинител да биде делегиран од институционална Европа. Некој што ќе дојде од земја – членка на ЕУ.

Знам дека тоа ќе нѐ одведе кон прашањето „Зошто, па зарем ние не знаеме? Па, зарем странец треба да ни ги реши проблемите?“. Не сакам да звучам песимистички, но уште помалку сакам да употребувам еуфемизми, па ќе речам „Да, не знаеме. Нам ни треба помош!“. Зашто верувам дека најмалку ќе си помогнеме себеси ако гледаме наназад и очајуваме околу тоа. Минатото, а и сегашноста, нека ни служи за поука. Она што ни треба е да се движиме нанапред.

Не сакам да ги обесхрабрувам тие што ја избрале нашата држава како место за живеење и решиле да придонесуваат во неа. Но, знам дека оние што се изградиле во вистински професоналци и стручњаци знаат дека мораме да имаме европска рака во областа на правдата. Затоа што неправдата што се случува е неправда за секого, за секој оној што живее и сака да придонесува под ова поднебје. Но, и многу повеќе.

Европа и Америка ни помагале, ни давале многу, а и осведочиле како помошта била сквернавена и злоупотребена од политички босови кои себеси си издградиле недопирливо Кралство на луксузот и раскалешеноста. Парадоксот лежи во тоа што политичарите во Европа покажале дека нѐ сакаат повеќе отколку што некои политичари овде си ја сакаат државата во којашто живеат. Оние кои што живеат за да крадат!

Главната помош што нам ни е потребна, многу повеќе од финансиската, е интелектуалната и помошта во доброто и професионално управување. Ни треба главен обвинител Германец, Холанѓанец, Швајцарец или Швеѓанин, сеедно, некој што ќе понуди ефикасна терапија за да ја врати довербата на луѓето во оваа институција.

Чистењето треба да почне токму од оваа институција. Многу застоена вода има таму. Токму самореформирањето таму ќе донесе реформи и наоколу, а и во општеството. Редно е, логично е и фер е. Се изморивме од изненадувањата што ни ги приредуваат. Не сакаме да живееме во ера на пазарење со теми и случувања, поигрување со животи и судбини. Не сакаме вестите за криминалот на „едни“ да се подзабораваат со вести за криминалот на „други“. Не е ова Нинтендо игра, нема овде простор за бомбардијада од теми, полу-теми, вистини, невистини, спинови, кои како (не)случајно залетани топчиња ни ги погодуваат главите и нѐ тераат да им го следиме правецот.

Ни фали да си го побараме и најдеме тоа што ни треба, а не да ни го сервираат тоа што го „имаат“. Не ни треба обвинител којшто не обвинува, не ни треба награда за криминалот, а казна за човечноста и довербата.

Уште еднаш ќе повторам, ни треба некој што ќе нѐ деблокира, некој што ќе го спаси Обвинителството, ни треба европски главен обвинител кој ќе ни го покаже патот по кој што треба да се движиме. Затоа што ништо друго не може да ја надомести жртвата што ја претрпе народот, губењето на довербата и гаснењето на надежта дека има спас. Да го побараме спасот во ЗНАЕЊЕТО и МУДРОСТА и да НАУЧИМЕ ОД ГРЕШКИТЕ.

Автор: д-р Арбен Таравари, градоначалник на општина Гостивар



Слични Објави