Четири Бугарки избрани во глобалната мрежа Women in Polar Science
Четири бугарски научнички се вклучени во селекцијата на мрежата WiPS (Women in Polar Science) – глобална иницијатива која има за цел да ги поврзува и охрабрува жените што работат во поларните науки и да ги направи повидливи за јавноста. Ова го соопшти Бугарскиот антарктички институт на својата Фејсбук страница, пренесува БНР.
Бугарките во селекцијата се Кремена Георгиева, Ралица С’бева, Деница Апостолова и Иглика Трифонова.
Кремена Георгиева работи како менаџер во голема приватна компанија во Бугарија, а паралелно ги развива и своите научни интереси во областа на борбата против климатските промени и спелеологијата. „Јас сум член на 33-тата Бугарска антарктичка експедиција и член на 3-тата Бугарска пештерска експедиција во Индокина. Јас сум една од само петтемина Бугари што учествувале во научно теренско истражување во антарктичка пукнатина“, раскажува таа за веб-страницата на мрежата. Својата филозофија ја претставува вака: „Сите нешта се поврзани и малите дела навистина имаат значење. Запознавањето и разбирањето се од суштинско значење за вистинска промена.“
Ралица С’бева е асистент и предава економска геологија и рудна минералогија на Софискиот универзитет. Нејзините поларни истражувања се фокусирани на рудната минерализација на островот Ливингстон, каде што за првпат открива злато. „Антарктида ме обликуваше како научник – ме научи на издржливост, љубопитност и одговорност кон нашата планета. Се стремам да го отворам поларниот свет за студентите, училиштата и јавноста преку едукација и информативни активности“, споделува таа.
Деница Апостолова е истражувач од Софискиот универзитет во областа на органската геохемија. „Мојата работа се фокусира на тоа како природните и антропогените органски соединенија – особено полицикличните ароматни јаглеводороди и биомаркерите – ги одразуваат еколошките процеси и динамиката на загадувањето. Моите истражувања се прошируваат и во поларните региони преку три експедиции до Бугарската антарктичка база“, раскажува истражувачката.
Иглика Трифонова е менаџер за комуникации во Бугарскиот антарктички институт. „Мојата мисија е да обезбедам активностите што ги спроведуваат нашите научници на Антарктида да имаат големо социјално влијание и да бидат присутни во медиумите. Како резултат на мојата работа, неодамна во Бугарија беа објавени повеќе од десет книги за Антарктида и поларните истражувачи. Сум коавтор на ‘Антарктичка кујна’ – уникатна двојазична книга која ја обединува кулинарската историја на првите антарктички експедиции и искуството на 36 готвачи од 29 земји ширум светот со повеќе од 60 рецепти и професионални тајни за подготовка на јадења во Антарктида. Ги проучувам луѓето на Антарктида и начинот на кој тие создаваат заедници таму“, споделува Иглика Трифонова пред мрежата.
