(Видео) Јордан Бадев- бугарскиот писател, публицист и припадник на ВМРО од Битола, убиен од комунистите без суд и пресуда по 9 септември 1944 г.
Јордан Бадев е роден на 25 февруари 1888 година во Битола. Негови родители се Елисавета Бадева и Антон Бадев од Прилеп. Неговиот татко работел како наставник во Солунската бугарска гимназија, пишува Актуално во својата рубрика „Невоспеаните херои“.
Во 1906 година Бадев ја завршува Битолската бугарска гимназија, по што продолжува со студии по словенска филологија на Софискиот универзитет, а подоцна дипломира и филологија на Универзитетот во Лозана. По завршувањето на високото образование се враќа во Македонија и започнува да работи како учител во Битола. По Меѓусојузничката војна во 1913 година се преселува во Бугарија, каде што продолжува да работи како учител во Софија и станува еден од основачите на Македонскиот научен институт.
За време на Првата светска војна Бадев учествува како резервен потпоручник и командир на вод. За покажаната храброст е одликуван со ордените „За воена заслуга“ и „За храброст“.
Во периодот пред Втората светска војна тој ја поддржува ориентацијата на Бугарија кон Третиот рајх, гледајќи во тоа единствена можност за решавање на македонското прашање.
Покрај воената дејност, Бадев активно се занимава и со литература и новинарство. Објавува во печатените изданија „Златорог“ (списание), „Зора“ (весник) и „1838 – 1938“ (весник). Во 1931 година станува уредник на културната рубрика во „Зора“, а уредува и весници како „Народност“ и „Миргород“. Автор е на бројни статии посветени на бугарската литература, вклучувајќи теоретски и прегледни текстови, како и портрети и есеи. Неговата книга „Животот и уметноста“ излегува во 1938 година.
Под псевдонимот Брусников ги објавува и делата „Даме Груев. Живот и дело“, „Слово и татковина“, „Од рано детство. Спомени“ и „Скици на живите“, како и голем број статии посветени на учесници во македонското движење.
По Деветосептемврискиот преврат во 1944 година, Бадев е убиен без суд и пресуда од страна на комунистите. Во март 1945 година е посмртно осуден во рамките на Делото број 6 на Народниот суд, а неговите книги се вклучени во „Списокот на штетна литература“. Дури во 1996 година е посмртно рехабилитиран од Врховниот суд.

