| |

Бугарскиот институт INSAIT и „Нетфликс“ разработија нов AI модел за видео едитирање

Институтот за компјутерски науки, вештачка интелигенција и технологии (INSAIT) при Софискиот универзитет „Св. Климент Охридски“, во соработка со стриминг платформата „Нетфликс“ (Netflix), разработија нов AI модел наречен VOID, кој може да отстранува објекти од видео и истовремено реалистично да ја реконструира сцената, соопшти прес-центарот на Министерството за образование и наука.

За разлика од стандардните алатки што само ги „пополнуваат“ избришаните делови, VOID ги разбира интеракциите меѓу објектите. „Ако, на пример, човек држи предмет и биде отстранет, моделот симулира како предметот паѓа или се движи природно, како сцената да е снимена без него“, се наведува во соопштението.

Технологијата се базира на CogVideoX и користи пристап со т.н. quadmask, кој овозможува разликување на објекти, зони на интеракција и позадина, со што се зачувува логиката и динамиката на кадарот без видливи артефакти. Поради недостиг на реални податоци, тимовите користеле симулирани сцени генерирани со Blender.

Според МОН, моделот постигнува подобра визуелна конзистентност и пореалистично однесување на објектите, а бидејќи е со отворен код, овозможува понатамошен развој од истражувачи ширум светот. „Ова е уште еден проект што ја истакнува улогата на INSAIT во создавањето технологии од светско значење“, се додава во соопштението.

Слични Објави