| |

Радев: Новата влада е прв чекор кон стабилно и стратешки ориентирано управување

„Верувам дека нашата влада е прв чекор кон воспоставување стабилно, стратешки ориентирано управување на Бугарија со еден хоризонт – модерниот развој на Бугарија како современа европска држава.“ Ова го изјави бугарскиот премиер Румен Радев на церемонијата за примопредавање на власта во Гранитната сала во седиштето на бугарската Влада, јавува БТА.

Претходно членовите на владата предводена од Радев дадоа заклетва пред 52-то Народно собрание.

Во своето обраќање пред досегашните и новоизбраните министри, Радев истакна дека владата ќе работи и на гарантирање на безбедноста и благосостојбата на бугарските граѓани со јасни вредности – демократија, слобода, солидарност и правда.

Радев му честиташе на техничкиот кабинет за работата околу организирањето нормални и чесни избори, како и за обезбедувањето континуитет во институциите. Тој се заблагодари и за доставувањето детален извештај за актуелната состојба на извршната власт.

Според Радев, Андреј Ѓуров бил повикан да ја извршува функцијата технички премиер како резултат на „несреќните измени на Уставот, кои ја воведоа Бугарија во ќор-сокак“. „Знам дека не ви беше лесно“, додаде Радев.

Премиерот им посака здравје и успех на членовите на техничката влада во нивните понатамошни активности.



Слични Објави