| |

Реториката како доблест, јазикот како почит

Никица Корубин

Реториката, односно вештината на “доброто говорење” е темел на образованието уште од антиката и страта Атина. Тоа го става “јазикот” и “писмото” односно писменоста на самиот пиедестал на вештините што треба да ги поседува еден добар “граѓанин” за да може да се управува со државата, но и да се развива општеството. И тоа е основата на цивилизацијата севкупно, но особено на она што го нарекуваме “темел на западната култура”.

Но, сето ова подразбира одлично (познавање и говорење) на сопствениот јазик. А, не било какво и неправилно. И токму тука се гледа суштинската почит и разбирање на јазикот како наследство, а не на јазикот како инструмент. Во современа држава, тоа би означувало добро говорење и познавање на “литературниот јазик”. На институционално и на индивидуално ниво. И ако “индивидуалното ниво”е резултат на добар образовен процес, домашно влијание и лично надградување; “институционалното ниво” е обврска на државата.

За спроведување на уставот и овозможување соодветна примена на литературниот македонски и албански јазик, како официјално службени јазици во државата. Уставот во членот 7 вели: “На целата територија во Република Северна Македонија и во нејзините меѓународни односислужбен јазик е македонскиот јазик и неговото кирилско писмо. Друг јазик што го зборуваат најмалку 20% од граѓаните, исто така, е службен јазик инеговото писмо, како што е определено со овој член.”

А, Законот за употреба на јазиците вели: “На целата територија во Република Македонија и во нејзините меѓународни односислужбен јазик е македонскиот јазик и неговото кирилско писмо. (2) Друг јазик што го зборуваат најмалку 20% од граѓаните (албански јазик), исто така,е службен јазик и неговото писмо, согласно овој закон.”

И тука почнува и завршува приказната за секоја (неодговорна) манипулација, не само со едно од темелните уставни права, употреба на јазикот, туку едно од темелните цивилизациски одредници,“писменоста” која ја прави “цивилизацијата да биде цивилизација”. Во историјата и археологијата има едно “непишано” правило во датирање и дефинирање на развојот на културите и етногенезата и определување на стпенот на “цивилизираност” на еден народ, земја или област – а тоа е, употребата на писмото и присутноста во пишаните историски извори. Толку големо е значењето на јазикот и на писмото (азбуката, алфабетот).

И затоа длабоко погрешно, тенденциозно и “примитивно” е прекршување на сопствениот устав и оспорувањето на еден од официјалните службени јазици во Северна Македонија – албанскиот јазик. Во пропаганден наратив, со политикантски намери, во албанофобски манир или како институционално потфрлање и неспроведување на сопствениот устав и закон. И во актуелниот случај на правото на полагање на правосудниот испит на албански јазик; но и на севкупната употреба на албанскиот јазик како втор службен јазик во државата (освен во меѓународните односи), покрај македонскиот јазик.

А, особено кога станува збор за “меката и перфидна” манипулација дека “правосудниот испит е стручен испит”, дека “албанскиот јазик е преведен јазик” и дека самата употреба на јазикот “ќе го блокира судскиот систем”. Значи “стручноста, темелот и функционалноста” се ексклузивно кај македонскиот јазик” кој треба да им се “преведе” на Албанците кои “баш инсистираат” да го употребат сопствениот јазик?

Што би не’ водело до заклучокот дека “и лексички, граматичко и говорно неправилно употребениот македонски јазик” е подобар “од правилно употребениот албански јазик”? А, всушност станува збор за паралелна употреба на два официјални јазици во своите стандардизирани литературни форми, која ја поседуваат секоја можна стручност (во судскиот системи, во здравствениот, во финансискиот, во образовниот, во политичкиот).

Па, кога Венецијанската комисија во 2019 година ќе каже дека “Покрај тоа, неуспехот да се обезбеди превод и толкување што се бара со закон … Под сегашни околности, доколку се применува целосно законот, тој значително ќе го забави функционирањето на целиот судски систем, со што ќе се доведе во опасност сериозно нарушување на правото на фер судење … “; всушност таа се реферира на потфрлањето или неможноста на државата и нејзините институции да го спреводат уставоти законот; а не на употребата на јазикот како уставно загарантирано право.

Уставот е променет во 2001 година, кога албанскиот станува официјален јазик, покрај македонскиот јазик; првата “операционализација” на уставот е 7 години подоцна во 2008 година, со Закон за употреба на јазик што го зборуваат најмалку 20% од граѓаните во Република Македонија и во единиците на локалната самоуправа; а финалната е во 2019 година со Законот за употреба на јазиците; значи исто пред 7 години. Значи 7 години уставот не бил применуван, уште 7 години, уставот и законот се оспорува; во времетраење од вкупно 25 години – државата не обезбедила услови за примена на сопствениот устав – и достапност на албанскиот јазик исто како и македонскиот јазик, за секоја можна потреба (стручно, професионално и литературно).

Тоа е демонстрација на “самоволие”, а не на “политичка воља”, и класична илустрација на непочитувањае, компромитирање и злоупотреба на меѓународните договори и сопствениот устав, како темел на правниот и политичкиот поредок и стабилноста и функционалноста на државата. И тоа “пореметување” ги погодува еднакво сите граѓани – и Македонци и Албанци. И обратно целосното почитување на уставот и меѓународните договори, како и почитувањето на цивилизациските придобивки – ги штитата сите граѓани – и Албанци и Македонци.

И можеби ви се чини дека албанските студенти протестираат само за себе, но тие всушност протесираат за сите нас. За држава која ги почитува и сопствениот устав, и сопствените граѓани и нивните права. Во антиката тоа беше демократијата и образованието во Атина, денес тоа е евроинтеграцијата како репер и процес. Сме биле во сите релевантни историски извори во минатото, време е да бидеме релевантни и сега, како демократска функционална и европска држава.

Слични Објави