Маѓар: Странските корумпирани политичари, криени од Орбан, бегаат преку Србија
Поранешниот полски заменик-министер за правда Марчин Романовски, обвинет во Полска за проневера на јавни средства, веројатно ја напуштил Унгарија преку Србија, изјави унгарскиот премиер Петер Маѓар за полскиот приватен канал TVN24, пренесе БГНЕС.
Прашањето како поранешниот полски министер за правда Збигњев Зјобро и неговиот заменик Романовски, кои се барани од полското обвинителство, успеале да ја напуштат Унгарија пред Маѓар да ја преземе функцијата премиер, најверојатно ќе биде тема на неговите разговори со полските претставници.
Зјобро и Романовски се обвинети за проневера на јавни фондови наменети за помош на жртви на криминал и за следење политички противници со шпионски софтвер. Тие добија азил во Унгарија од поранешниот премиер Виктор Орбан.
Зјобро моментално се наоѓа во САД, а според извори, заменик-државниот секретар Кристофер Ландау наложил да му биде обезбедено издавање виза. Локацијата на Романовски, пак, останува нејасна.
„Колку што разбирам, Зјобро ја напуштил Шенген-зоната приближно ден пред мојата инаугурација“, изјави Маѓар, додавајќи дека постојат индиции оти Романовски „заминал преку Србија“, но информацијата не е потврдена. Тој рече дека очекувал двајцата да ја напуштат Унгарија по изборниот пораз на Орбан и нагласи дека „додека ‘Тиса’ е на власт, на меѓународни криминалци нема да им биде дозволено да престојуваат во Унгарија“.
БГНЕС потсетува дека Маѓар по изборната победа на 12 април изјави дека поранешниот македонски премиер Никола Груевски е „меѓународен криминалец“ и дека нема место во Унгарија.
Суд во Варшава во средината на февруари издаде европска потерница за Романовски, додека барањето против Зјобро сè уште е во судска постапка. Министерството за надворешни работи на Србија засега не одговорило на барањето на Ројтерс за коментар.
Маѓар денеска ќе се сретне во Варшава со полскиот премиер Доналд Туск и претседателот Карол Навроцки, а потоа ќе отпатува за Гдањск на средба со поранешниот полски претседател и нобеловец за мир Лех Валенса.
Полска планира да ѝ понуди на Унгарија пристап до американски течен природен гас преку нов терминал во Гдањск, кој треба да почне со работа во 2028 година. По посетата на Полска, прва странска посета на Маѓар како премиер, тој ќе отпатува за Виена, а потоа со воз ќе се врати во Будимпешта.
