Давчевски: Скопје повторно е затрупано во ѓубре и претворено во еколошка депонија
Скопје повторно е затрупано во ѓубре и претворено во еколошка депонија, изјави Александар Давчевски од СДСМ.
„Да одиме по ред со реалноста надвор од скапите ПР кампањи на Градоначалникот Орце Ѓорѓиевски: Прво лагата: „72 часа чисто Скопје“. Памтите кога со Мицкоски се сликаа со камиони и лопати пред „Борис Трајковски“? Тоа беше само ефтин популизам и ПР театар за на социјалните мрежи. Поминаа над 172 дена од таа нивна наводна „нова ера“, а Скопје е повторно затрупано во ѓубре и претворено во еколошка депонија“, рече тој.
Давчевски му порача на Ѓорѓиевски дека преполните контејнери се доказ дека тимот му е тотално неспособен и дека комуналната хигиена колабираше под негово раководство.
„Второ, тендери и милиони за омилените пулени. Додека ние се гушиме во смет, ти тераш бизниси и ѝ даваш 10 милиони евра на фирмата „Мастеф“ за новиот Луна парк. Истата фирма со која имаше разработено тендерски шеми во Кисела Вода, сега ја донесе и во Град Скопје. Само во 2024 година, оваа компанија лапнала тендери тешки над 8,5 милиони евра. Најчесто се единствен понудувач, со цени нацртани до денар со проценетата вредност. Ова смрди на местенки и злоупотреба на буџетот од километар“, рече Давчевски.
Тој обвини и за корупција во набавката со автобусите.
„Трето, унгарски шеми со автобусите. Набавката на 150 електрични автобуси свесно ја буткате преку Министерство за транспорт. Го заобиколувате Градот и ЈСП, иако проект стои готов одамна. Целта е проѕирна – да се избере унгарската „Електробус-Икарус“ и да се тераат бизниси со луѓе блиски до режимот на Орбан. По 314.000 евра за автобус и игнорирање на локалните надлежности – ова е класичен потег кој отвора сомнеж за корупција во клучната инфраструктура. Китење со туѓи перја за личен ПР. Сега се правиш „народен човек“ и се фалиш со мостот „Михајло Апостолски“ и трасата низ Керамидница. Вистината е дека четири години заедно со ВМРО-ОКГ свесно го блокиравте овој проект на СДСМ преку советите“, рече тој.

