|

Филипче: Го повикувам Мицкоски заедно да ги донесеме уставните измени

Претседателот на СДСМ, Венко Филипче, на панел-дискусија на тема „Геополитичката димензија на проширувањето на ЕУ и импликации за Западен Балкан“ упати повик до власта за заедничко носење на уставните измени.

Филипче истакна дека во наредниот период во посета на земјата ќе дојде претседателот на Европскиот совет, Антонио Кошта, и дека Европската Унија повторно го става проширувањето високо на својата приоритетна агенда.

Тој посочи дека веќе постојат активности во ЕУ поврзани со пристапните процеси на земјите од регионот, вклучително и изработка на пристапен договор за Црна Гора, како и напредок кај Албанија.

Според него, актуелните геополитички околности – вклучително војната во Украина и конфликтите на Блискиот Исток – го забрзуваат процесот на проширување, што претставува „историска шанса“ за регионот.

Филипче порача дека доколку државата не ги направи потребните чекори, може да остане надвор од следните фази на проширувањето и од идните буџетски рамки на ЕУ.

Тој упати директен повик до премиерот Христијан Мицкоски и власта за заедничко усвојување на уставните измени, нагласувајќи дека одговорноста за процесот треба да биде споделена меѓу политичките фактори.

Филипче додаде дека, според неговите очекувања, преговорите со ЕУ нема да задираат во идентитетските прашања, но дека сите политички актери треба заеднички да учествуваат во процесот на преговори и реформите.

Тој предупреди дека пропуштање на моментот може да доведе до економски последици, иселување на младите и продлабочување на сиромаштијата, повикувајќи на итно дејствување.

 



Слични Објави