| |

Бугарија и Велика Британија ќе ја продлабочуваат соработката во сферата на одбраната

Бугарија и Велика Британија ќе ја продлабочуваат соработката во одбраната, индустриското партнерство и безбедноста во Црноморскиот регион. Ова бeше договорено на средбата меѓу министерот за одбрана Димитар Стојанов на Бугарија и британскиот министер за Европа, Северна Америка и прекуморските територии Стивен Даути, пренесе БГНЕС.

„Обединетото Кралство е важен сојузник на Бугарија во НАТО и клучен партнер во Европа“, истакна Стојанов, нагласувајќи ги можностите за соработка во одбраната, обуката и индустриското партнерство.

Двајцата министри разговарале и за хибридните закани, како и за војната во Украина. Стојанов нагласи дека безбедноста во Црноморскиот регион е приоритет и посочи дека Бугарија, Романија и Турција успешно ја развиваат заедничката противминска поморска тактичка група во Црното Море, отворена и за други сојузнички држави.

Во однос на модернизацијата на вооружените сили, Стојанов истакна дека Бугарија ги зголемува трошоците за одбрана, кои лани достигнале 2,13 проценти од БДП, при што најмалку 20 проценти од средствата се насочуваат кон модернизациски проекти.

За војната во Украина, Стојанов изјави: „Убедени сме дека конфликтот нема да се реши на бојното поле“, додавајќи дека се потребни преговори поради човечките жртви. Даути нагласи дека Велика Британија ги поддржува дипломатските напори, но оцени дека Русија продолжува да ги ескалира нападите врз Украина.

Британскиот министер ја подвлече и важноста на единството во НАТО и зголемените инвестиции во одбраната, предупредувајќи дека хибридните напади и дезинформациите стануваат сè посериозен предизвик за сојузниците.



Слични Објави