| |

Амбасадата на Бугарија во Белград го одбележа Денот на Ботев и на загинатите за слободата и независноста на Бугарија

Со едноминутно молчење под звукот на сирените што ги емитуваше БНР, во знак на почит кон споменот на Христо Ботев и на сите загинати за Бугарија, амбасадорот на Република Бугарија во Србија, Ангел Ангелов, и тимот на Амбасадата го одбележаа Денот на Ботев и на загинатите за слободата и независноста на Бугарија, јавува преку социјалната мрежа Facebook, aмбасадата на Бугарија во Србија.

„Денес се навршуваат 150 години од физичката смрт на Христо Ботев. Верувам дека и по уште 150 години тој ќе продолжи да биде духовно жив исто толку колку што е и денес. Втори јуни е ден кога им оддаваме почит не само на познатите, туку и на непознатите херои, паднати во борбата за слободата на Бугарија.

Денот на Ботев е поврзан и со Белград. Да се потсетиме на Ботевиот марш „Тих бел Дунав се бранува“, како и на фактот дека меѓу четниците во неговата чета имало учесници кои ја завршиле Втората бугарска легија во Белград. Да помниме дека нема ништо повредно од борбата за слобода“, изјави амбасадорот Ангелов.

Пред да положи цвеќе пред спомен-каменот со барелјефите на Васил Левски и Георги С. Раковски во паркот „Ташмајдан“, делегацијата ги посети и воените гробишта во Белград, каде што им оддаде почит и признание на 32 бугарски офицери и војници загинати во Првата светска војна.

Потсетуваме дека во јуни 1862 година во Белград е формирана Првата бугарска легија, чиј организатор бил Георги С. Раковски, а еден од нејзините најистакнати учесници бил токму Васил Левски.

За жал, споменикот на воените гробишта и понатаму е во незавидна состојба, и покрај напорите што се вложуваат. Во исто време, на територијата на Белград сè уште нема барелјеф на Христо Ботев. Искрено се надеваме дека наскоро ликот на големиот бугарски поет и револуционер ќе биде поставен на достојно и почесно место во српската престолнина, стои во објавата на бугарската амбасада во Србија.



Слични Објави