| |

Наградени пожарникарите кои први интервенираа по сообраќајната несреќа на Челопешки пат во Софија

На свечена церемонија во Министерството за внатрешни работи на Бугарија беа наградени четворица пожарникари кои први пристигнале на местото на тешката сообраќајна несреќа на Челопешки пат во Софија, кога во судир меѓу два автомобили и автобус загинаа четири лица. Пожарникарите добија колективна парична награда во износ од 1.230 евра, јавува БТА.

Со наредба на министерот за внатрешни работи Иван Демерџиев, пожарникарите од противпожарната единица „Кремиковци“ беа одликувани за покажан хероизам, храброст, пожртвуваност, висок професионализам и брза реакција при спасувањето човечки животи.

Наградените се: помлад експерт Благој Благоев, помлад експерт Петко Врбин, помлад инспектор Данаил Влахов и помлад експерт Тодор Јорданов.

„Овие службеници реагираа на трагедијата кај Челопешки пат уште пред да добијат официјален повик и направија сè што беше потребно за да се ограничи трагедијата, која можеше да има уште потешки последици“, изјави Демерџиев.

Тој истакна дека за овие вработени и за многумина други во МВР, зборовите „должност“ и „чест“ не се само поими, туку принципи што ги водат во нивната професија.

Во врска со несреќата, Демерџиев нагласи дека државата ќе постапува со целата строгост кон предизвикувачите на тешки сообраќајни несреќи кои ги загрозуваат животот и здравјето на граѓаните.

Министерот информираше и дека МВР спровело проверка за земјите кои издаваат возачки дозволи под олеснети услови, при што засега се идентификувани Кипар, Чешка, Грција и Велика Британија. Според него, ќе бидат преземени мерки за поголема контрола врз носителите на такви дозволи, во рамките на можностите што ги дозволува европското законодавство.



Слични Објави