Николоски: Почнуваме изградба на нов автопат, Скопје – Блаце ќе биде главна артерија за поврзување со Косово и Црна Гора
Заменик претседателот на Владата и министер за транспорт Александар Николоски, оствари работна средба со Фатих Туркменоглу, директор на канцеларијата на Европската банка за обнова и развој (ЕБОР), на која се разговараше за изградбата на автопатот Скопје – Блаце.
На средбата, претставниците на ЕБОР информираа дека во соработка со Јавното претпријатие за државни патишта успешно е завршена постапката за избор на Изведувач. Изведувачот на автопатот е конзорциумот предводен од македонската градежна компанија Гранит. После подолг временски период една домашна градежна компанија целосно ќе изведува автопат.
Автопатот Скопје – Блаце претставува витална патна артерија со која Македонија се поврзува со Косово и Црна Гора. Неговата изградба ќе придонесе за поефикасен транспорт и побезбеден сообраќај , ќе ја подобри поврзаноста со соседните земји и ќе создаде нови можности за економски развој, трговија и инвестиции.
Реализацијата на овој проект има големо значење за регионалното поврзување и за унапредување на транспортната инфраструктура, со што Македонија дополнително ќе ја зацврсти својата улога како важна транзитна и транспортна врска во регионот.
По завршувањето на сите административни процедури и обезбедување на соодветни банкарски гаранции ќе започне изведбата на терен и градежни активности.
На средбата беше потврдена и одличната соработка помеѓу Владата, Министерството и ЕБОР, при што беше изразена заедничка подготвеност за продолжување на партнерството и поддршка на идните инфраструктурни проекти кои се од стратешко значење за државата.

