| |

71-годишна учителка со срцево заболување од Бугарија се искачи на базниот камп на Монт Еверест

Павлина Димитрова, 71-годишна учителка со срцево заболување, успешно се искачи до базниот камп на Монт Еверест, кој се наоѓа на надморска височина од 5.364 метри. Патувањето до подножјето на највисокиот врв во светот траело околу 10 дена, јавува Актуално.

Идејата за хималајската авантура се родила за време на патување во Португалија, а минатата година, а за својот 70-ти роденден од пријателите од фолклорната група добила подарок – патување до Еверест.

„Човечките соништа немаат граници. Моите најблиски првично беа изненадени. Се грижеа само како мојот организам ќе реагира на надморската височина. Најтешко беше искачувањето по стрмните камени скали. Треба да се оди многу бавно и да се пие многу вода. Цело време си велев: ‘Ќе успеам, ќе успеам, ќе стигнам горе’. Доживувањето е величествено. Немав амбиција да стигнам до самиот врв. Со ова искачување се победив себеси. Тоа е еден од најголемите предизвици во мојот живот“, изјави Димитрова за БНТ.

Поради срцевите проблеми, таа неколку месеци претходно изведувала специјални вежби за подготовка. Нејзиниот следен предизвик е Мачу Пикчу во Перу.

Лекарите потсетуваат дека физичката активност е корисна и за лицата со срцеви заболувања, доколку се практикува соодветно и под стручна контрола.



Слични Објави