Д-р Мимоза Хасани-Плана добитник на признанието „Бугарски амбасадор на културата 2025“
Д-р Мимоза Хасани-Плана, литературен критичар и професор на Универзитетот во Приштина, беше одликувана во Софија со признанието „Бугарски амбасадор на културата 2025“. Наградата ѝ беше доделена за значаен придонес во зајакнувањето на културните и академските врски меѓу Косово и Бугарија, како и за поддршката во отворањето на првиот лекторат по бугарски јазик и култура на Универзитетот во Приштина, јавува БНР.
Во интервју за Радио Бугарија, Хасани-Плана изјави дека признанието за неа било големо и неочекувано изненадување. „Исклучително сум благодарна и среќна, но истовремено чувствувам и голема одговорност да продолжам да го развивам академската и културната соработка меѓу нашите две држави“, рече таа.
Нејзината врска со Бугарија трае повеќе од една деценија. Таа студирала на Софискиот универзитет „Св. Климент Охридски“, каде што ги завршила докторските и постдокторските квалификации. Според неа, највредни од тој период се академските и пријателските врски, особено со нејзината менторка Русана Бејлери.
Еден од најважните резултати од оваа соработка е отворањето на лекторатот по бугарски јазик и култура во Приштина. Наставата ја води доц. д-р Раки Бело, познавач и истражувач на бугарскиот и албанскиот јазик. Хасани-Плана нагласи дека интересот кај студентите расте, не само на Катедрата за балканистика, туку и во Јазичниот центар во рамките на Филолошкиот факултет.
Соработката меѓу двете земји се развива и преку програмите Erasmus и CEEPUS, заеднички академски посети и нови универзитетски договори. „Се стремиме кон вклучување на јазичната и културна разноликост“, истакна Хасани-Плана.
Посебен момент оваа година ќе биде учеството на претставници од Мандрица, единственото албанско село во Бугарија, на Семинарот по албански јазик, литература и култура во Приштина. Според Хасани-Плана, Мандрица е пример за зачуван јазик, култура и идентитет надвор од границите.
„Во свет кој често ги нагласува разликите, културата нè потсетува на она што нè обединува“, порача д-р Мимоза Хасани-Плана.
