Со концерт во Варна беше отворен јубилејниот фестивал „Варненско лето“
Со двочасовен концерт во Фестивалниот и конгресен центар во Варна синоќа беше отворен Меѓународниот музички фестивал „Варненско лето“, кој годинава одбележува 100 години од своето основање, јавува БТА.
Отворањето го диригираше Дељана Лазарова, која за настанот допатува од странство. За првпат во историјата на фестивалот, свечениот концерт беше диригиран од жена.
По традиција, фестивалот започна со Рапсодијата „Вардар“ од Панчо Владигеров. Посебен акцент на вечерта беше светската премиера на кантатата-поема „1876“ од композиторот Милко Коларов, посветена на Априлското востание, чија 150-годишнина се одбележува годинава. Лазарова го опиша делото како „силно, убаво и емотивно“.
Во изведбата учествуваа Варненскиот симфониски оркестар, Мешаниот хор на Бугарското национално радио, хорот на Варненската опера, Детскиот хор „Добри Христов“, сопранотo Илина Михајлова и актерот Мариус Донкин.
На крајот од концертот прозвуче Тројниот концерт за виолина, виолончело и пијано, оп. 56 од Лудвиг ван Бетовен, со солистите Дмитриј Ситковецки, Андреј Јоница и Бари Даглас.
„Веќе 100 години музиката ја обединува Варна со светот“, изјави уметничкиот директор на фестивалот Марио Хосен, нагласувајќи дека во јубилејното издание ќе гостуваат светски уметници, диригенти и оркестри.
Пред почетокот на концертот, музичарите од Варненскиот симфониски оркестар изразија симболичен протест поради ниските плати и лошите услови за работа. Тие излегоа на сцената со светлоотразувачки елеци, кои ги соблекоа пред почетокот на програмата.

