Христијан Пендиков стана дел од Меѓународната федерација на Црвениот крст и Црвената полумесечина (IFRC)
Христијан Пендиков, поранешен секретар на забранетиот бугарски клуб „Борис III“ во Охрид, преку објава на социјалните мрежи соопшти дека го остварил својот детски сон, да стане дел од Меѓународната федерација на Црвениот крст и Црвената полумесечина (IFRC).
Во статусот, Пендиков пишува дека во изминатите неколку дена неговата долгогодишна желба станала реалност, истакнувајќи дека е горд што е дел од глобалното семејство на Црвениот крст и Црвената полумесечина.
„Некои соништа вреди да се чекаат. Во изминатите неколку дена, еден детски сон стана реалност. Горд сум што сум дел од глобалното семејство на Црвениот крст и Црвената полумесечина — заедница на луѓе кои носат надеж, хуманост и поддршка таму каде што е најпотребно“, напиша Пендиков.
Тој во објавата додава дека хуманитарната мисија ја гледа како светлина во тешки моменти.
„Ние сме светлината во темнината“, стои во неговиот статус.
Меѓународната федерација на Црвениот крст и Црвената полумесечина (IFRC) е најголемата хуманитарна мрежа во светот. Таа обединува 191 земја и повеќе од 18 милиони волонтери во служба на хуманоста.
