| |

„Скржавецот“ на Слободан Унковски меѓу најгледаните претстави на Народниот театар „Иван Вазов“

Претставата „Скржавецот“ на режисерот Слободан Унковски се издвојува меѓу најгледаните и најзначајните наслови во театралната сезона 2025/2026 на Народниот театар „Иван Вазов“ во Софија. Сезоната досега бележи 111.528 посетители, 614 изведени претстави, 13 премиерни наслови и забележителни меѓународни успеси.

„Скржавецот“ беше посочен како еден од водечките наслови на сезоната, заедно со „Малата Англија“ на Диана Добрева и „Глембаеви“ на Ивица Буљан.

„Ова е најдолгата, најинтензивната и најуспешната сезона што сме ја имале. Таа не само што не запира, туку се развива со нова сила во текот на летото“, изјави директорот на Народниот театар Васил Василев.

Сезоната беше одбележана и со силно меѓународно присуство. Речиси 10.000 гледачи од различни земји ги проследија претставите „Бура“, „Медеја“, „Хага“ и „Созвездија“ на гостувања во Австрија, Шпанија, Романија, Хрватска, Србија и Северна Македонија.

Активностите на театарот продолжуваат и по 8 јули, кога завршува афишот во Софија. Во текот на летото се очекува околу 20.000 гледачи да ја проследат големата копродукција на Народниот театар и Државниот театар на Северна Грција ΚΘΒΕ – „Вакханки“ по Еврипид, во режија на Јавор Грдев. Турнејата во Грција започнува на 10 и 11 јули и засега опфаќа 18 изведби во јули и август.

Според податоците, посетеноста на Народниот театар е зголемена за речиси 10 проценти во споредба со минатата година. Театарот годинава забележа и зголемен интерес кај младата публика преку иницијативата „18 – 25 по 5“, која овозможи билети по цена од 5 евра за гледачи на возраст од 18 до 25 години.

Новиот театрален сезон во Софија ќе започне на 9 септември.

Слични Објави