|

По 26 години се враќа полициското средно образование, се бараат нови 200 ученици

Министерството за внатрешни работи објави јавен повик за прием на 200 ученици во новото државно Средно полициско училиште – Полициска академија, за учебната 2026/2027 година. Со оваа одлука, по пауза од 26 години, повторно се враќа средното полициско образование во земјата.

Новата генерација ќе се школува под мотото „Облечи ја униформата со гордост!“, а наставата ќе се реализира во рамки на Полициската академија во Идризово, каде учениците ќе престојуваат во интернат и ќе следат стручна и општообразовна настава. Право на пријавување имаат ученици кои завршиле втора година во четиригодишно средно образование, а условите вклучуваат добро здравје, психофизичка способност, како и најмалку „добар“ општ успех.

Селекцијата ќе се спроведе во три фази – проверка на моторички способности, писмен тест и интервју, по што ќе се изработи конечна ранг-листа според освоените бодови. По успешното завршување на школувањето и државната матура, Министерството за внатрешни работи ќе им обезбеди работно место како полицајци, што дополнително го зголемува интересот за новиот конкурс.

 



Слични Објави