| |

Познатиот бугарски писател Захари Карабашлиев и македонскиот поет Душко Крстевски ќе разговараат за романот „Опашката“ во Софија

Разговор меѓу бугарскиот писател Захари Карабашлиев и македонскиот поет и преведувач Душко Крстевски ќе се одржи во Куќата за литература и превод во Софија. Настанот ќе се одржи на 14 јули од 18:30 часот. Модератор на разговорот ќе биде доц. д-р Ани Бурова. Душко Крстевски се наоѓа на резиденција во Куќата за да работи врз романот на Карабашлиев „Опашката“.

Душко Крстевски е еден од најактивните чинители, што ја прават достапна за македонската публика современата бугарска литература. Пред „Опашката“, тој работел и други книги на Захари Карабашлиев, како неговиот роман „18% сиво“.

Душко Крстевски ќе зборува за тоа што е различно во работата врз „Опашката“ во споредба со други книги на Захари Карабашлиев, како според него читателите во неговата татковина ќе го прифатат овој роман, кој ги претставува проблемите на современоста во сатирично-дистописка перспектива, посочуваат домаќините и додаваат дека разговорот ќе ги опфати и пошироките теми за интересот на читателите и издавачите во Северна Македонија кон бугарските автори и за јазичните и контекстуалните тешкотии при работата со текстот.

Душко Крстевски е поет, преведувач и професор во Меѓународното училиште НОВА во Скопје. Работел дела на Георги Господинов, Алек Попов, Здравка Евтимова, Кристин Димитрова, Александар Секулов, Захари Карабашлиев, Васил Георгиев, Милен Русков, Емил Андреев, Виктор Пасков, Калин Терзиски, Петар Денчев, Добромир Бајчев, Невена Митрополитска и други бугарски писатели.

Захари Карабашлиев е писател, драматург и сценарист. Автор е на романите „Последниот ловец на делфини“, „Рана“, „Опашката“, „Хавра“ и „18% сиво“, како и на збирки раскази, есеи, пиеси и повести. Неговите книги се наградувани со некои од најзначајните бугарски книжевни награди, преведувани и објавувани во низа земји. Според негови текстови се создадени играни и краткометражни филмови. Од 2014 година е главен уредник на издавачката куќа „Сиела“. Основач и креативен директор е на меѓународниот книжевен фестивал „Варна Лит“. Водел часови по креативно пишување на Софискиот универзитет и е доктор хонорис кауза на Шуменскиот универзитет.



Слични Објави