Во Софија беше одбележана 176-та годишнина од раѓањето на Иван Вазов
Со церемонија пред споменикот на Иван Вазов во градинката кај црквата „Света Софија“ во бугарскиот главен град Софија беше одбележана 176-годишнината од раѓањето на Патријархот на бугарската литература. Настанот го организираше Националниот литературен музеј, јавува БТА.
Директорот на музејот, Атанас Капралов, потсети на животот, творештвото и придонесот на Вазов за модернизацијата на бугарското образование. „Со своето слово тој ја формирал националната самосвест на Бугарите“, рече Капралов. Тој истакна и дека куќата-музеј „Иван Вазов“, најстариот литературен музеј во Софија, годинава одбележува 100 години од отворањето за посетители.
Елин Иванов, внук на писателот Елин Пелин, нагласи дека малку личности во светската историја успеале „да го обединат својот народ во еден дух, едно сознание и една мисла“. Според него, со Иван Вазов започнува вистинската бугарска литература. Иванов потсети и дека за време на бомбардирањето на Софија во Втората светска војна, Елин Пелин ја спасил стакленицата со срцето на Вазов, додека неговиот сопствен архив изгорел во бомбардираната куќа-музеј.
На свеченоста беше прочитано и пригодно обраќање од претседателката на Бугарија Илијана Јотова, во кое се истакнува дека творештвото на Вазов „останало во вековите“ и продолжува да ги инспирира Бугарите да го сакаат и чуваат својот роден јазик.
Заменик-градоначалничката на Софија, Ирина Дакова, рече дека Вазов го формирал светогледот на генерации Бугари, а проф. Бојан Ангелов, претседател на Сојузот на бугарските писатели, нагласи дека неговото творештво го обезсмртило бугарскиот јазик.
Во програмата учествуваа деца од Народното читалиште „Васил Левски 1928 г.“ и театарското студио „Бумбартисти“, кои изведоа песни и рецитираа стихови од Вазов. Стихови од „Моите песни“ звучеа и на англиски, грчки, шведски, корејски, чешки и украински јазик, во превод на студенти од Софискиот универзитет „Св. Климент Охридски“.
Пред споменикот на Вазов беа положени цвеќиња и венци од државни и културни институции, писателски организации и почитувачи на неговото дело.

