| |

Куќата-музеј „Иван Вазов“ во Софија претстави нов двојазичен аудиоводич

По повод 176 години од раѓањето на Иван Вазов – Патријархот на бугарската литература, и 100 години од отворањето на куќата-музеј „Иван Вазов“, музејот во Софија претстави нов двојазичен аудиоводич кон обновената експозиција, јавува БГНЕС.

Заменик-директорката на Националниот културен музеј, Соња Кирицова, изјави дека идејата се појавила при подготовките за обновување на постојаната поставка по повод 175-годишнината од раѓањето на Вазов. Целта била експозицијата да добие нова визија, англиски текстови за странските посетители и дигитална иновација што ќе го зголеми интересот, особено кај младите.

„Картите не ја заменуваат работата на кустосот, туку го надополнуваат неговиот расказ“, нагласи Кирицова. Аудиосодржините се поврзани не само со експозицијата, туку и со просториите на вториот кат, а содржат и дополнителни информации за браќата на Вазов. Секое аудио трае до три минути.

Иван Тодоров од „Наше наследство“, кои ги изработиле аудиоводич картите, објасни дека процесот започнал со подготовка и одобрување на текстовите, по што тие биле снимени со актери и внесени во системот.

Од музејот истакнаа дека во проектот не била користена вештачка интелигенција. „За ваков тип производ, за претставување на експозициски расказ за животот и творештвото на Иван Вазов, не можеме да се потпреме на вештачка интелигенција“, рече Кирицова.

Аудиоводичот е во форма на карта со уникатен QR-код. По скенирањето се отвора страницата на музејот, каде посетителите избираат бугарски или англиски јазик и аудиосодржина, придружена со фотографија. Картата останува кај посетителите и може повторно да се користи.



Слични Објави