Руте до Ѓуров: Сметаме на Бугарија за безбедноста на источното крило на НАТО и во Црноморскиот регион
Бугарија останува цврсто посветена на НАТО и ќе продолжи да придонесува за колективната одбрана, изјави бугарскиот премиер Андреј Ѓуров по средбата со генералниот секретар на НАТО, Марк Руте, во седиштето на Алијансата, јавува БГНЕС.
„Како техничка влада следиме доследен курс во согласност со одлуките на Алијансата и продолжуваме да придонесуваме за колективната одбрана“, рече Ѓуров.
Тој нагласи дека безбедноста е неделива и дека случувањата во Црноморскиот регион, Украина и пошироко ги засегаат сите. „За нас ова не е апстрактна дебата, туку реални предизвици што се случуваат на нашиот праг“, додаде премиерот.
Ѓуров предупреди дека војната на Русија против Украина претставува закана за меѓународниот поредок и европската безбедност, како и дека растат хибридните закани, вклучително и дезинформациите.
Генералниот секретар на НАТО, Марк Руте, го истакна придонесот на Бугарија во Алијансата и нејзината поддршка за Украина, како и улогата на земјата за безбедноста на источното крило и Црноморскиот регион.
„Моето искуство покажува дека техничките влади можат да постигнат многу, па затоа сметаме на вас“, изјави Руте.
