| |

Споени избори за “скриена коалиција”?

Facebook статус на Никица Корубин

Изборите во демократско општество се темелот на истото. Делегирање на власта која им припаѓа на граѓаните. Тие со својот избор, кој е суштински, а не технички, ја определуваат реалноста на сопствената држава во зададениот мандат од 4 години. И тие избрани претставници, потоа, преку уставното уредување управуваат со целиот систем (прво законодавната власт која е избрана од страна на граѓаните на избори, ја бира и контролира втората, извршна власт која е именувана од самите пратеници).

Претседателот на државата во нашиот систем, претставува своевидно “продолжување” на извршната власт, но со јасно уставни поставени надлежности и тежина, добиени исто така на директни, непосредни избори. И има мандат од 5 години, што значи дека нема преклопување со мандатот на пратениците. Како тогаш, се инсистира парламентарните и претседателските избори, кои се дијаметрално спротивни, да бидат заедно?

Односно, прашањето треба да биде поставено вака: дали политичар со минимум демократска свест, може воопшто да го предизвикува уставот, и да “мешетари” со него, преку “пазарење и ценкање” со датумот на различни циклуси на избори, кои вака сватени се сведени на обична техничка операција? Нели, исходот е веќе познат, па да “утепаме две муви со еден удар”, “да заштедиме пари” и да го споиме неспоивото. Речиси на ниво, а “чуму ни се воопшто избори”, кога договарањето е веќе во тек? Оваа силна авторитарност и тоталитарност која “избива” од секој изговорен “аргумент” за брутално наметната тема, во пропаганден манир на повторување на пораката, “спојување на парламентарните и претседателските избори”, освен што говори за очигледниот недостаток на потребно ниво на демократска свест за учество во политички живот на формално парламентарна демократија; говори и за неспособност да се маскира вистинската намера. Која, повторно влегува во доменот “контрола на јавниот дискурс”.

Таа опседнатост со контрола на се’ (јавниот простор, јавниот говор, јавната политика) природно доаѓа и до контрола на изборниот циклус. А, тоа де факто означува силна потреба од контрола на граѓаните. Чии механизми на контрола како да не се доволни, преку секојдневното функционирање на системот, па потребна е контрола на “изворот”: изборите. Но, што всушност треба да се “исконтролира” со “спојување на изборите”?

Манипулацијата со датумите, па уште барање на “заеднички содржател” или датум на спојување на “двата круга на избори”, говори за размерот на вклученост на различни структури, и на повеќе партии, но и на структури во повеќе партии. А, тие нели како “суверени господари” на нашата демократија, глумат дебата за “планот” кој што си го смислиле, и кој по секоја цена сакаат да го реализираат. На ваква голема “мака и инсистирање” на спојување на изборите, како “тема над темите” човек да се запраша, а датумот ли го определува исходот? Особено, за оние сигурните во (само)нарачаните анкети. Со други зборови кажано, која тоа магија се крие во топтан избори, што тоа треба да “се изгуби и скрие” во “масата” гласови? Кој за што гласал, кој кого подржал, или кој што планира пост-изборно?

Претседателските избори се одржуваат во последните 60 дена од мандатот, а парламентарните во последните 90 дена од мандатот. Зошто тогаш се бара датум кој ги приближуба, а не датум кој ги оддалечува? Зошто никој не говори за опцијата за првиот ден од 60 дена и последниот од 90 дена, што ќе направи разлика од 6 месеци? Таман време за драстично различна кампања, и драстично различни кандидати. Ако, воопшто треба да бидат различни. Јасно и недвосмислено, кој ќе биде следниот/следната “шеф/шефица” на НАТО армија, “татко/мајка” на граѓаните и претседател/претседателка на сите? Каква врска има оваа функција со пратениците и парламентарните избори? Треба ли попатно да се изгуби во споени избори и десетици листи на парламентарните? Треба ли да се скрие во “дебатните емисии”? Која е демократската логика? Ако има воопшто минимум демократска свест?

Оваа нервозна игра, на која и истекува времето, и која го троши скапоцениот ресурс, на времето за уставните измени, всушност е суптилно суспендирање на демократијата како суштина и парламентарната демократија како систем, со тенденција да стане флагрантно суспендирање на истата после изборите. Ситуација каде нема да биде битен исходот, кој секако се третира, како техничка операција на организирање на избори. И таа е опасноста на која треба да внимаваме, а не како да го избегнеме Велигден. Кога партократијата се обединува, тоа значи само едно: демократија тука нема. А, ако нема демократија, нема ни граѓани, а уште помалку владеење на правото. Затоа што правото не се заобиколува, туку се спроведува.

А, што сакаат да “спроведат” сите гласни од опозицијата, и сите тивки од позицијата со спојување на изборите, за сега само тие знаат. Обединети како никогаш досега. Но, за што, за реформи на државата и влез во ЕУ или за уште една тура “ЕУ не ни треба”? Заедно се посилни, можат и под ист слоган да настапат. Секако, само граѓаните останаа единствените противници. Во уште една епизода “глумење демократија”, во која ги претвораат изборите. Уште да можеа да ги спојат сите, за еден подолг период. Кога веќе не’ враќаат во минатото.



Слични Објави