| | |

(Галерија) Амбасадорот на Бугарија Ангелов на прославата за 3 март во Скопје: Важна ни е судбината на секој еден Бугарин

Со прием на кој присуствуваа претставници на дипломатскиот кор во Северна Македонија, воени аташеа акредитирани во земјава, градоначалници од различни градови во Северна Македонија, деловни организации и претставници на бизнисот, бугарската заедница и пријатели од Северна Македонија и Бугарија, Амбасадата на Бугарија во Скопје вчера вечер ја прослави 146-та годишнина од возобновувањето на бугарската државност и формирањето на Третата бугарска држава, јавува БТА.

„Бугарија наполни 1343 години од основањето на овој дел од Балканскиот Полуостров и никогаш во својата историја не го сменила своето име. Имаме акумулирано мудрост и цврстина. Тоа значи и дека важи старото правило – политиката се менува, но географијата не. Дури климатските промени не ги поместуваат географските граници“, рече во својот говор амбасадорот на Бугарија во Северна Македонија, Ангел Ангелов.

Според неговите зборови, во политички тешката 2023 година за нашите две земји, трговската размена продолжила да се зголемува, достигнувајќи милијарда и триста милиони евра, а тој им се заблагодари на бизнисите од двете страни на границата „за тоа што помогнаа да се создаде поинаква средина“.

Во оваа скијачка сезона, туристите од Република Северна Македонија кон Бугарија се зголемени за 15 отсто, а во јануари се пријавени 80.000 гранични премини, рече амбасадорот Ангелов.

„Од друга страна, недоволната комуникација и недостатокот на емпатија, како и предрасудите кај политичките елити остануваат сфера во која треба да се работи. Клучно прашање е довербата, а довербата може да постои само кога постои предвидливост. Довербата постои кога се почитува договореното. За жал, геополитичките процеси го скратуваат хоризонтот на предвидливост. Како земја на Црното Море, Бугарија е многу блиску до вистинска војна, која се води по руската агресија врз Украина. Како земја на ЕУ, ние сме на страната на Киев уште од првиот ден. Тука треба да се поклониме на илјадниците украински и други воини кои ги оставија своите коски во војната во 1877-1878 година, по што Бугарија беше ослободена. Сега нивните потомци повторно учествуваат, се борат и умираат во војна. Поклон! Меѓутоа, од државите кои не учествуваат во војните дејствија се бара да работат заедно. Сојузнички и партнерски. Посебно сакам да ја истакнам улогата на баталјонот на групата НАТО во Ново Село. Таму војниците на нашите две земји со колеги од САД и Албанија, под команда на Италија, работат, тренираат и комуницираат успешно. Ова е вистинскиот Коридор 8 за кој толку многу зборуваме“, рече Ангелов.

Обраќајќи им се на претставниците на бугарската заедница во салата, тој истакна дека европскиот пат на Северна Македонија ќе им помогне да се чувствуваат рамноправни во сопствената земја.

„Бугарија ќе продолжи да ве поддржува постојано. Важна ни е судбината на секој еден Бугарин“, рече Ангелов.

Во својот говор тој ја истакна и работата поврзана со различни хуманитарни цели и социјалната вклученост на лицата со различни проблеми во Северна Македонија, која ја врши неговата сопруга Билјана Ангелова.

На приемот, во соработка со Бугарскиот Културно-информативен Центар Скопје, свиреше еден од популарните исполнители на кавал во Бугарија Живко Василев и неговото трио „Автентик“.

Претходно денеска, гардистите застанаа на почесна стража по повод националниот празник на Бугарија пред бугарската амбасада во Република Северна Македонија.

Слични Објави