Бугарија ќе ја одбележи 70-та годишнина од зачленувањето во УНЕСКО со меѓународна конференција
Бугарскиот министер за култура Евтим Милошев ќе организира меѓународна конференција со учество на високи претставници на УНЕСКО, по повод 70-годишнината од полноправното членство на Бугарија во организацијата, јавува 24 часа.
Милошев за подготовките информираше за време на сослушување во Комисијата за култура и медиуми на бугарскиот парламент. Според него, конференцијата со учество на генералниот директор на УНЕСКО ќе придонесе за зголемување на авторитетот на Бугарија во организацијата и ќе ја потврди нејзината улога во културниот живот на Европа и светот.
Тој соопшти дека за време на сесијата на УНЕСКО се сретнал со новиот генерален директор на организацијата, Халед Ел-Анани, на кого лично му врачил писмена покана од бугарскиот премиер за посета на земјата оваа година. Милошев оцени дека средбата е позитивен знак за Бугарија.
Министерот додаде дека разговарал и со новиот помошник генерален директор за култура на УНЕСКО, Ал-Фајез, при што тема била заштитата и развојот на бугарското културно наследство.

