| |

Бугарскиот царски дворец „Врана“ ги отвори вратите за туристи

Дворецот „Врана“, една од омилените резиденции на бугарските монарси, неодамна стана достапен за организирани туристички посети со претходна најава, јавува БНР.

Резиденцијата во близина на Софија е завршена во 1912 година и се наоѓа во парк од речиси 1.000 декари, во кој растат стотици растителни видови. Дворецот го користеле бугарските цареви Фердинанд I, Борис III, Симеон II, а по 9 септември 1944 г. водачите на комунистичката власт Георги Димитров и Васил Коларов.

Во објектот се чуваат лични предмети, документи и книги на царското семејство, донесени од нивните домови во Мадрид, Ешторил и во близина на Њујорк. Реставрацијата и зачувувањето на наследството ги спроведува фондот „Цар Борис и царица Јоана“.

За посетителите е отворен првиот кат од Новиот дворец, како и обновената дворска капела, во која се одржуваат богослужби и крштевки.

„Волјата на царското семејство е духовното срце на дворецот ‘Врана’ да биде достапно за верниците и граѓаните“, изјави директорот на фондот, Ивајло Шалафов.

Дел од историјата на резиденцијата, архивски документи и досега необјавени фотографии се претставени и во неговата книга „Врана во круната“.



Слични Објави