| |

Изложба „Реминисценции“ на бугарскиот ликовен уметник Василен Васевски ќе биде претставена во Бургас

На 14 јули 2026 година во галеријата „Неси“ во Бургас ќе биде претставена изложбата „Реминисценции“ на бугарскиот ликовен уметник Василен Васевски.

Експозицијата ја истражува меморијата не како документ за минатото, туку како живо, емоционално и постојано променливо искуство, дополнуваат од галеријата, пренесува БТА. Во својата нова изложба авторот претставува сликарски дела поставени на границата меѓу реалноста и сеќавањето. Сликите прикажуваат фрагменти од доживувања обликувани од времето, копнежот и размислувањето. Ликовните претстави создаваат чувство за нешто познато, но тешко дофатливо – како сеќавање што останува повеќе како чувство отколку како факт.

Делата во „Реминисценции“ се движат меѓу апстракцијата и сугестијата, меѓу присуството и отсуството, ставајќи акцент врз темите на носталгијата, копнежот и текот на времето, наведуваат од галеријата.

Василен Васевски дипломирал на Националната ликовна академија во Софија, но својата творечка и академска кариера ја развива во Соединетите Американски Држави. Од 2001 година предава на американски високообразовни институции, меѓу кои Универзитетот Индијана – Форт Вејн, Институтот за уметност на Илиноис во Чикаго и колеџот „Харолд Вашингтон“. Неговите дела биле претставени на самостојни и групни изложби во САД и Европа, а покрај уметничката и наставната дејност, активно учествува и во културниот живот на бугарската заедница во Чикаго преку кураторски проекти, предавања и интердисциплинарни иницијативи.



Слични Објави