Гоци: Вучиќ не може да го држи Западниот Балкан како заложник
Генералниот секретар на Европската демократска партија (ЕДП) и пратеник во Европскиот парламент (ЕП) Сандро Гоци денес изјави дека српскиот претседател Александар Вучиќ не може да го држи Западниот Балкан како заложник.
„Предлогот на претседателот Вучиќ, даден во неговото интервју за британскиот весник „Фајненшл тајмс“ во вторникот, за воведување на Западниот Балкан во Европската унија (ЕУ) како единствен блок е неприфатлив“, смета Гоци.
ЕУ, додава тој, отсекогаш била недвосмислена, проширувањето се базира на индивидуалните заслуги на секоја земја-кандидат. Овој принцип ги наградува оние кои спроведуваат тешки реформи и никогаш не смее да се компромитира за да им се допадне на лидерите кои одбиваат да го сторат тоа, смета Гоци.
„Сакаме Западен Балкан што поскоро да се приклучи на ЕУ. Но, Црна Гора, Албанија и секој друг кандидат што навистина напредува преку реформи не смее да биде запрен, затоа што Србија на Вучиќ се движи во спротивна насока – ги еродира демократските институции, ги заплашува политичките противници и независните медиуми, толерира политичко насилство и одбива да се усогласи со заедничката надворешна и безбедносна политика на ЕУ“, рече Гоци, според соопштението од неговата партија.
Претседателот Вучиќ не може да го користи регионот како штит за сопствените неуспеси или да ја држи европската иднина на своите соседи како заложник, вели тој, пренесуваат медиумите во регионот.
„На земјите што спроведуваат реформи мора да им се дозволи да напредуваат. Оние што им вртат грб на европските вредности не можат да очекуваат другите да го носат товарот на последиците“, додаде тој.
Претседателот Вучиќ и неговиот режим се оние што не го положуваат европскиот тест – не Србија, а сигурно не и српскиот народ, додаде Гоци.
„Ако сите влеземе заедно, нема да има граници меѓу Приштина, Белград и сите други… Регионот треба да биде обединет. Не да стане нова зона на конфликт меѓу луѓето што влегуваат во ЕУ и оние што се сè уште далеку од неа“, рече претседателот на Србија за британскиот весник.

