УЈП го осуди нападот врз даночните контролори во Куклица
Управата за јавни приходи најостро го осудува физичкиот напад и попречувањето на службените лица при извршување на нивните законски овластувања за време на даночна контрола на локалитетот Куклица.
„Ниту еден службеник не смее да биде изложен на насилство, закани или притисоци додека ја извршува својата законска должност. Нападот врз даночен контролор не е само напад врз вработените во Управата за јавни приходи, туку и напад врз владеењето на правото и врз институциите на државата. Изразуваме целосна поддршка на нашите колеги кои професионално и совесно ги извршуваат своите работни задачи и очекуваме надлежните институции целосно да го расчистат случајот и да обезбедат соодветна законска одговорност за сторителот“, велат од УЈП.
Се додава дека Управата за јавни приходи останува цврсто определена да ги спроведува законите еднакво кон сите, без отстапки и без страв. Насилството никогаш нема да биде причина институциите да се повлечат од својата законска обврска.
„Воедно, апелираме до сите даночни обврзници и граѓани да соработуваат со службените лица и да придонесат за создавање средина во која законите се почитуваат, а институциите можат непречено да ја извршуваат својата функција во интерес на сите граѓани. Не смееме да дозволиме насилството да стане средство за избегнување на законските обврски. Нападот врз службени лица мора да добие јасен и недвосмислен институционален одговор“, се додава.
Основното јавно обвинителство Куманово претходно побара притвор за 41-годишен британски државјанин, осомничен дека со камења нападнал даночни инспектори кои вршеле службена контрола на туристичкиот локалитет „Камени Кукли“ во селото Куклица, кај Кратово.
Според Обвинителството, против осомничениот е поведена постапка за кривичното дело „Спречување службено лице во вршење службено дејствие“, казниво според член 382 став 3 од Кривичниот законик.
Инцидентот се случил на 16 јули, кога двајца даночни контролори од Управата за јавни приходи извршувале службена контрола во врска со претходно поставени обележја за привремена забрана за вршење дејност на локалитетот.
Според обвинителството, британскиот државјанин почнал да фрла камења кон инспекторите и кон нивното службено возило, поради што тие биле принудени да го напуштат местото без да ја завршат контролата.
