| |

Бугарија и Швајцарија ќе ја продлабочуваат соработката во инвестициите, вештачката интелигенција и науката

Проширувањето на швајцарските инвестиции во Бугарија и зајакнувањето на партнерството во иновациите, науката, високите технологии и иновативната медицина биле меѓу главните теми на средбата на бугарската министерка за надворешни работи Велислава Петрова со амбасадорот на Швајцарската Конфедерација во Бугарија, Пјер Хагман, јавува Министерството за надворешни работи на Бугарија.

Петрова истакнала дека постои значителен потенцијал за натамошен развој на економските односи и технолошкото партнерство меѓу двете земји.

Како пример за успешна бугарско-швајцарска соработка бил посочен Институтот за компјутерски науки, вештачка интелигенција и технологии – INSAIT, создаден во партнерство со швајцарските технолошки институти ETH Цирих и EPFL Лозана.

„Дигитализацијата и вештачката интелигенција можат да придонесат за развојот на јавниот сектор, подобрувањето на услугите и изградбата на потранспарентни институции“, изјавила Петрова.

Двете страни изразиле подготвеност за продлабочување на соработката и во областа на науката и иновативната медицина.

На средбата било разговарано и за спроведувањето на Бугарско-швајцарската програма за соработка, која поддржува стратешки реформи во Бугарија и опфаќа 11 програми во пет клучни области, меѓу кои здравството и социјалниот систем, образованието, миграцијата и безбедноста, како и животната средина и климата.

Петрова го потврдила ангажманот на бугарската влада за забрзување на реализацијата на проектите во рамките на програмата.

Амбасадорот Хагман го поздравил напредокот на Бугарија на патот кон членство во ОЕЦД и ги посочил можностите за дополнително привлекување швајцарски инвестиции во земјата.

Соговорниците разговарале и за односите меѓу Европската Унија и Швајцарија. Петрова изразила поддршка за продлабочување на партнерството, вклучително и во областите на надворешната политика, безбедноста и одбраната.



Слични Објави